Сликата која ја имаме денеска пред нас, припадниците на трите армии заедно како едно, навистина буди емоции. Северна Македонија, Албанија и Хрватска уште пред 16 години со потпишувањето на Јадранската повелба си подадоа рака и решија дека заедно ќе чекорат на патот кон Алијансата. Тоа значи заедно и во добро и во лошо, и кога славиме и кога треба да си помогнеме кога тешко, рече премиерот Зоран Заев во вечерашното обраќање на концертот на воените оркестри на Македонија, Албанија и Хрватска.
– Патот кон сојузништвото за С. Македонија беше малку подолг, но соработката, поддршката која меѓусебно си ја дававме никогаш не изостана. Тоа е видливо и денес кога конечно ја исполнуваме целта трите земји заедно посилни сојузници во НАТО Алијансата. Убеден сум дека исто како за време на сите заеднички вежби и обуки, така и денеска на културната сцена ќе покажеме дека функционираме хармонично, дека дишеме како едно, дека сме посилни и помоќни заедно – истакна Заев.
Според него, оваа година за нашата држава и граѓаните е историска.
– Вечерва одбележуваме неколку значајни датуми за С. Македонија кои не водат кон звукот на Алијансата: 6 февруари кога беше потпишан Пристапниот протокол за НАТО, 8 февруари кога беше изгласана првата ратификација на Протоколот, помалку од една недела подоцна на 13 и 14 февруари кога првпат седнавме на масата на Алијансата. Албанија го ратификуваше Протоколот на истиот датум, на 14 февруари, а веднаш потоа меѓу првите и Хрватска на 1 март. На 4 декември за првпат учествувавме на Лидерскиот самит на НАТО. Тоа се историски датуми, историски моменти кои засекогаш ќе бидат запишани. Сето тоа го постигнавме со голема храброст, со одлучност, со посветеност, со голема поддршка од нашите пријатели, а особено од нашите соседи – напомена премиерот.