Заев: Софија не побарала соработка за истрагата за бугарските пасоши

364

Бугарија не побарала соработка од македонските власти во однос на истрагата за продажба на бугарски државјанства, рече премиерот Зоран Заев во Лисабон во изјава за бугарски новинари.

-Нам ни е јасно дека многу Македонци имаат бугарски пасоши и ние имаме Бугари во Македонија. Ние немаме проблем, но ако нешто е нелегално, Бугарија ќе си го востанови тоа – рече Заев во Лисабон, каде учествуваше на Конгресот на Партијата на европските социјалисти – ПЕС.

Премиерот Заев во Лисабон, одговарајќи на новинарски прашања за неколку странски медиуми изрази уверување дека инклузивниот процес во Парламентот и јавните дебати ќе успеат да обезбедат двотертинско мнозинство за усвојување на уставните измени кои се обврска од Договорот од Преспа.

-Јавната дебата во Парламентот е многу конструктивна, квалитетна и верувам дека и преку тоа граѓаните ќе дознаат и за сите детали од самиот Договор со Грција, но и Парламентот ќе изнајде начин како да собере сила и да ја гарантира иднината на Република Македонија. Затоа што конечно со овој Договор, а и претходно со Договорот со Бугарија, ние ги затворивме нашите билатерални проблеми, кои што ги имавме со соседите. Стануваме нормална земја, европска земја, каде што заедно со реформите се надеваме, убедени сме дека навистина ќе бидеме следната, триесетта земја-членка на НАТО и во јуни 2019 година, ќе ги отпочнеме преговорите со отворање на поглавјата за ЕУ, рече премиерот Заев, соопшти владината прес-служба.

На прашањето на медиумите за бегството и однесувањето на претходниот премиер, Никола Груевски, Заев рече дека согласно меѓународните стандарди и конвенции Груевски треба да биде вратен на издржување на правосилната судска пресуда во Македонија. Тој изрази надеж дека Унгарија ќе ги преиспита одлуките и ќе го врати на издржување на казната.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...