Заев си правел муабет со руски комичари, убеден дека разговара со Столтенберг и со Порошенко (ВИДЕО)

3836
ФОТО: Јутјуб / Пртинсркин

На интернет се појави аудио снимка од разговори на премиерот Зоран Заев со руски комичари, убеден дека разговара со Столтенберг и со Порошенко. Плусинфо побара став од Владата пред еден час, но не доби никаков одговор. Штом добиеме одговор, ќе биде објавен.

Во прилогот што го објавиле комичарите (пранкерите) Владимир Кузнецов и Алексеј Столаров, тие тврдат дека три пати разговарале со Заев. Еднаш кон крајот на август минатата година, во јануари оваа година и на 20 април. Се додава и дека до објавувањето на оваа информација, премиерот на нашата држава навистина верувал дека разговара со поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко.

Во еден од разговорите, тие го вклучуваат и „Јенс Столтенберг“, па сите тројца влегуваат во дискусија.

На видеото се слуша дека Заев и пранкерите разговараат на повеќе теми. За ситуацијата во Македонија пред референдумот, кој се дошол и дал поддршка на земјата во процесот за името, за Косово и за Србија, како и дали Русија има влијание во нашата држава. Се спомнува и тоа дали Иванов добива поддршка од Путин.

Трите разговори траат вкупно 54 минути, а се разговара на повеќе теми. Тука е и темата околу добивањето на автокефалност на Македонската православна црква. Божемниот Порошенко му кажува на Заев дека тој успеал да обезбеди автокефалност на Украинската црква како резултат на солидните односи кои ги имал со патријархот Вартоломеј. Но дека за тоа му платил 150.000 евра. Во продолжение му понудил на македонскиот премиер помош, Вартоломеј да додели автокефалност на МПЦ „со дисконт“, за 100.000 евра.

Македонскиот премиер му го дал бројот на бившиот американски помошен државен секретар Вес Мичел иако во претходниот разговор тој му вели дека веќе разговарал со него, додека во друга прилика му рекол дека на ватсап ќе му го прати и бројот на косовскиот премиер Харадинај.

„Порошенко” му вели на Заев дека научници од Украина ја откриле неговата врска во гените со Александар Македонски и дека поради тоа тој сега може да се вика „Петро Македонски“, на што добива одговор од Заев дека историјата може да ги зближи украинскиот и македонскиот народ.

Заев не е единствениот кој разговарал со овие шегаџии, претходно тие муабетеле и со францускиот претседател Емануел Макрон, како и со Борис Џонсон, Жан Клод Јункер, Ники Хејли, Гуаидо, неколку американски гувернери и конгресмени.

ФОТО: Јутјуб / Пртинсркин

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...