На вечерaшниот Марш „Чекориме за правда“ претседателот на СДСМ, Зоран Заев од пред Судот ги повика судиите и обвинителите да си преземат одговорност, бидејќи како што нагласи, сега правосудството е на потег, а сите предмети ќе имаат правна разрешница!
– За слободата и демократијата чекоревме со денови и со месеци. И денеска имаме слобода и демократија. Сега правосудството е на потег, затоа вечерва сме овде, чекориме за правда. Сите предмети ќе имаат правна разрешница. На обвинетите ќе им се суди врз основа на докази, за што индиции беа бомбите. Нема скриена амнестија за никого. Нашиот народ е желен за правда – порача вечерва Заев нагласувајќи „Ве уверувам – нема веќе тевтерчиња, а тие што се виновни за старите тевтерчиња ќе одговараат“.
Заев потсети: „Ние нашите ветувања ги исполнуваме, сега е ред ЕУ да ги исполни своите!“.
– Со право вие граѓаните сте незадоволни од правниот систем. И во СДСМ не сме задоволни од испорачаното во областа на правната држава. Решивме дека ни е потребно правосудство што ќе носи правда. Се што требаше да направат Владата и Собранието – го направија! – нагласи лидерот на СДСМ.
Заев порача: „Можеше да има и побрза правда, ама требаше Заев да се јавува и да нарачува пресуди…Затоа ли се боревме? Очекуваме разрешница на случаите. Таму каде има докази, очекуваме затворски казни. Таму кадешто нема докази – тогаш не е виновен“.
Koга во 2017 година СДСМ застанал на чело на институциите, потсети Заев, виделе на дело што значи „заробена држава“.
– Остатоците на „Сваровски судството“ наместо делители на правдата, беа нејзини кочничари. Тие свесно оставаа постапките да се развлекуваат, делата да застаруваат и да се избегне разрешница каде што може. Единствените против Законот за јавно обвинителство беа извршителот Мицкоски, неговиот шеф Груевски и цело раководство на ВМРО-ДПМНЕ. На Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не им беше важно ништо друго освен да испорачаат амнестија за бегалецот во Будимпешта. Но, не им успеа! – нагласи Заев.