Жените се потребни на општеството. Тоа го покажуваат искуствата на многу успешни жени во Македонија во многу сектори, а Република Македонија е лидер во регионот во однос на родовата еднаквост, констатираше попладнево премиерот Зоран Заев на вториот ден на Меѓународната конференција „Жени во енергетиката 2018”.
Тој ги увери присутните дека Владата го поддржува влегувањето на жените во енергетиката и порача дека сите директори, а и тој самиот е свесен дека можат да бидат заменети од жени.
– Жените кои се веќе професионално активни сакаме да ги мотивираме и да ја побараат својата шанса во енергетиката. Ги разбиваме предрасудите дека работата во енергетскиот сектор е машка професија – истакна Заев и нагласи дека Владата е подготвена да учествува во реализација на работите кои произлегуваат од овој состанок.
Еден од заклучоците од дводневната Меѓународна конференција, рече Заев, е тоа што жените, од инженерските дисциплини, статистички имаат подобар успех во текот на студирањето. Нивниот процент, во однос на мажите, се намалува кога станува збор за продолжување на школувањето и усовршувањето.
– Владата е подготвена да креира и спроведува политики што ќе овозможат младите жени и интелектуалки да имаат непречен професионален развој во периодот кога оформуваат семејство – истакна Заев и упати апел до жените да се вклучат во енергетиката.
Премиерорт Заев доби благодарница од претседателот на Инженерската институција на Македонија, Христина Спасевска и од претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија Штефан Петар за поддршката од Владата на Република Македонија.
Според Петер, бројот на жени на технички позиции во енергетскиот сектор, сè уште, има потенцијал да се подобри. За да го оствариме овој потенцијал, рече тој, треба да им се обратиме на младите да знаат дека ако имаат желба и способност, постои можност да се едуцираат, а потоа и да се вработат во области кои обично не се поврзуваат со нивниот пол.
Учесничките на Конференцијата ја поддржаа идејата за формирање на Асоцијацијата за жените во енергетиката, во која ќе членуваат сите претставнички од сите енергетски сектори со одговорно лице. Асоцијацијата ќе има цел да го поттикне изборот на образование кај женската популација, да ја подигне свеста кај жената за еднаквоста, да обезбеди размена на искуства и информации, да објавува огласи за работа и унапредувања, да обезбеди база на податоци на сите членки во организацијата, како и работилници и обуки за професионален развој.