Заев се сретна со првите луѓе на светската и домашната ракометна федерација

Нагласувајќи дека во иднина ќе се зголемува поддршката, со цел дополнително развивање на ракометот и спортот во нашата земја, премиерот Заев со претседателот на ИХФ, Мустафа, разговарал за искуствата од вложувањето во спортот и спортската инфраструктура од страна на државата.

355

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со претседателот на Светската ракометна федерација (ИХФ) Хасан Мустафа, кој беше придружуван од Живко Мукаетов, претседател на Македонската ракометна федерација (РФМ) и Филип Милошевски, генерален секретар на РФМ, соопшти владината прес-служба.

На средбата, премиерот Заев ги поздравил сите напори и вложувања што ги прави Ракометната федерација и потенцирал оти токму затоа ракометот е спорт „број еден“ во државата во моментот.

– Светското првенство во ракомет во машка категорија до 19 години, кое се одржува во Скопје претставува вистинска афирмација и промоција не само на спортот, туку и на државата во светски рамки, рекол премиерот Заев честитајќи им на присутните за организацијата на првенството, коешто деновиве се одржува во нашата земја.

Нагласувајќи дека во иднина ќе се зголемува поддршката, со цел дополнително развивање на ракометот и спортот во нашата земја, премиерот Заев со претседателот на ИХФ, Мустафа, разговарал за искуствата од вложувањето во спортот и спортската инфраструктура од страна на државата, оценувајќи дека токму тоа е правецот кој ќе овозможи што поголем број на млади да спортуваат и да се занимаваат со ракомет.

Соговорниците, Мустафа и Мукаетов ја поздравиле определбата на премиерот Заев и Владата за поддршка на спортот во Северна Македонија и се согласиле дека заеднички ќе работат на остварување на што поголеми резултати во ракометот и промоција на спортот воопшто.

Истовремено, на средбата било констатирано дека Република Северна Македонија е мала држава, која најдобро и најбрзо може да се промовира преку спортот, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...