Премиерот Зоран Заев денеска во Брисел имаше билатерална средба со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини. Средбата се одржа пред почетокот на неформалата средба на шефицата на дипломатијата на ЕУ со лидерите од Западен Балкан.
Како што објави на твитер портпаролката на ЕУ Маја Коцијанчиќ, на неформалната средба на лидерите од Западен Балкан со Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан ќе се разговара за актуелните случувања во регионот, за постигнувањата на земјите во изминатата година и за приоритетите во наредната 2019-та.
На средбата ќе присуствуваат и претседателите на Србија, Црна Гора и на Косово, Александар Вучиќ, Мило Ѓукановиќ и Хашим Тачи, како и премиерот на БиХ Денис Звиздиќ. Покрај со Заев, Могерини пред мини самитот одржа билатерална средба и со шефот на црногорската држава Ѓукановиќ. Поради претходно закажани обврски, на сосатнокот на лидерите од Западен Балкан не присуствува албанскиот премиер Еди Рама.