Заев го пречека Валтер Дефа, специјален советник на македонската Влада

276

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Валтер Дефа, кој од денеска е специјален советник во Владата, номиниран од Владата на СР Германија, а на средбата во Кабинетот на премиерот беше придружуван од амбасадорот на СР Германија, Томас Герберих.

На средбата, соопшти владината прес-служба, Дефа, кој како искусен професионалец се очекува да даде поддршка на Владата во спроведување на економските политики, ги пренел поздравите од канцеларката Ангела Меркел, на чија иницијатива се реализира неговиот ангажман во нашата земја, и го изразил своето задоволство што во наредниот период, заедно со премиерот Заев, како и со тимот економски министри во Владата, ќе може да соработува на унапредување и имплементација на економските политики на Владата.

На оваа прва средба со премиерот Заев, двајцата соговорници разговарале за приоритетите за економски раст на земјата, особено сега кога земјата ги реши сите отворени прашања со соседите, кога се реализира Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, со што се отворени позитивни перспективи за економски развој во земјата, во регионот, како и во однос на зајакнување на економските врски со ЕУ и со земјите членки.

Заев истакнал дека меѓу приоритетите на нашата земја е профилирањето на стручна работна сила за потребите на странските инвеститори, за кои Владата на СР Германија покажала посебен интерес, со оглед потребите на германските компании присутни во земјата, како и на компаниите кои покажале интерес да инвестираат во земјава.

Како стратешки приоритети на Владата за побрз и одржлив економски раст и развој на средбата биле споменати реализацијата на инфраструктурните проекти за подобро поврзување со соседите, со тоа и зголемување на регионалната економска соработка, енергетските проекти, како и споделувањето на искуствата за европските фондови за побрз економски развој и подобрување на животниот стандард и квалитетот на животот на граѓаните.

Валтер Дефа е долгогодишен претставник на СР Германија во Европската Комисија, каде што извршувал повеќе должности меѓу кои како позначајни се издвојуваат неговите работни обврски како директор на Генералниот директорат за регионална политика, како и неговото раководење со Генералниот директорат за даноци и царини на Европската Комисија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...