Заев: Се слушнав со Села, ја откажа средбата поради одземените надлежности на Таравари

382

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села во знак на револт од одземањето на ингеренциите во образованието на гостиварскиот градоначалник ја откажал денешната средба на која требаше да се разговара за обезбедување поддршка за консензуален кандидат за претседател на државата.

Заев остава простор за натамошна комуникација и, како што вели, го разбира револтот, но законите мора да се спроведуваат.

– Се слушнав со господинот Зијадин Села. Во знак на револт поради одземани надлежности во образованието на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари од страна на Министерството за образование тој ја откажа средбата. Се надевам, оставивме простор за комункација заради тоа што тоа е вредно. Јас работам и со самото Министерство, законите мора да се спроведат секако, да ги гледаме позитивните основи на самите закони – изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања, по пуштање во употреба на новата сала за јавни услуги од повеќе институции.

Тој вели дека како поранешен градоначалник е свесен што значи одземањето на надлежностите на која било општина без оглед дали е тоа Струга, Куманово, Гостивар.. и најави дека ќе се бара решение на заедничка средба со градоначалникот на Гостивар и министерот за образование.

– Преку општините децентрализираните надлежности треба да бидат поблиски до граѓаните, но секако и законот мора да се почитува. Кога ваквите аспекти ги има самиот ресорен министер на мене останува да работам како премиер и на заеднички состанок помеѓу градоначалник и министер да изнајдам решение – рече Заев посочувајќи дека Гостивар е еден од поголемите градови во државава и оти нема да се дозволи политички разлики да бидат пречка за развој на која било средина.

– Го сфаќам револтот, драго ми е што се слушнавме со Зијадин Села и веројатно ќе најдеме друг начин на комуникација која што ќе конвергира кон оваа важна одлука за државата. Останувам оптимист. Неможам да кажам дали сум сигурен заради тоа што допрва следуваат одлуки на органи и тела на политичките субјекти со кои се сретнав и со кои ќе се среќавам – изјави Заев, посочувајќи дека очекува  позтивен потик за целиот процес и на утрешната средба со Билал Касами од БЕСА.

Верувам, истакна Заев, дека уште еднаш ќе испратиме порака идниот претседател на државата да се однесува еднакво одговорен пред секој граѓанин.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...