Премиерот Зоран Заев денеска се јави во Кривичниот суд каде треба да сведочи во случајот со настаните на 27 април. Заев се појави во судница дваесетина минути откако почна сведочењето на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.
Тој се пријави, но веднаш ја напушти судницата бидејќи судијката Добрила Кацарска му рече дека тој е трет на списокот од денешните четворица сведоци и ќе сведочи дури по неколку часа.
Според динамиката како тече рочиштето, премиерот се очекува да сведочи доцна попладнево. Судењето денеска почна околу 10.30 часот, а во судница се уште се наоѓа првиот сведок, Тодоров.
За денеска е предвидено сведочење и на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и пратеникот Весел Мемети, кои се појавија во судот.