Заев се пофали дека земјава е на листата на 20 најголеми достигнувања на ЕУ

Премиерот напиша дека целосно сме подготвени за почеток на преговорите и оти сега на потег се државите членки и институциите на Европската унија.

402

Отворањето на преговорите за нашето пристапување во ЕУ е единствената гаранција за одржување на домашната стабилност и за одржување на реформскиот импулс во Северна Македонија, со позитивни ефекти за целиот регион на Западен Балкан, напиша вечерва премиерот Зоран Заев на својот официјален твитер профил.

„ Добивме и прецизни домашни задачи и ни беше речено: Испорачајте и ние ќе – испорачаме! Времето го искористивме за да се подготвиме за преговорите за пристапување. Сега, на потег се државите членки и институциите на ЕУ. На потег е Европа да покаже дека стои на зборот“, напиша Заев на Твитер по завршувањето на прес-конференцијата со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и претседателот на ЕК Жан Клод Јункер во Брисел.

Премиерот Заев, пак, вечерва се обрати и преку фејсбук каде напиша дека Европската комисија во известувањето за изминатиот петгодишен мандат ја смести Северна Македонија и нејзиниот успех, на листата на 20 најголеми достигнувања на Европската Унија во овој период. Тоа е за нас огромно признание и уште поголем поттик.

„Од претседателот Јункер и комесарот Хан добивме потврда дека нашата земја е пример за соработка и пријателство во регионот и пошироко и дека другите земји треба да го следат нашиот блескав пример, на што јас додадов дека на внатрешен план сме општество што покажува политичка зрелост и европски манири“, напиша Заев на својот официјален фејсбук профил.

Премиерот напиша дека целосно сме подготвени за почеток на преговорите и оти сега на потег се државите членки и институциите на Европската унија.

„На потег е Европа да покаже дека стои на зборот. Тој потег треба да биде јасен и исклучиво врз основа на нашите заслуги, а во интерес на развојот на Унијата и во интерес на перспективите на целиот наш регион. Европа е силна и уникатна бидејќи секогаш знаела да води и внатрешни реформи, и политика на проширување“, пишува Заев на фејсбук.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...