Заев се отселил од премиерската вила и сега е кираџија во Скопје

Од изборниот резултат и опциите за формирање владејачка коалиција зависи дали Заев, некаде кон крајот на мај, би се вратил во премиерската вила. Или, пак, таму би се вселил неговиот главен  политички опонент Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ

2993

На 3 јануари, доскорешниот премиер Зоран Заев, речиси истовремено кога ја поднесе оставката во парламентот, ја напуштил и премиерската вила на Водно, каде што живееше од летото 2017 година, кога беше избран на чело на Владата.

Од СДСМ велат дека партискиот лидер, по заминувањети до премиерската функција, изнајмил стан во Скопје, каде што престојува во текот на работната седмица, додека за викендите често оди во родната Струмица.

Заев нема моментно државна функција, така што од почетокот на 2020 година се врати во претседателскиот кабинет во седиштето на СДСМ на „Бихаќска“, од каде што, најверојатно, како кандидат за премиер, ќе „диригира“, на политичко ниво, со изборната кампања на СДСМ. Тој најави дека на изборите на 12 април ќе бара нов и, како што вели, чист мандат на чело на Владата.

Од изборниот резултат и опциите за формирање владејачка коалиција, зависи дали Заев, некаде кон крајот на мај, би се вратил во премиерската вила. Или, пак, таму би се вселил неговиот главен политички опонент Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој исто така цели на премиерската позиција. Во секој случај, претстојните избори ќе значат прво директно соочување на Заев со Мицкоски, кој дојде на лидерското место во ВМРО-ДПМНЕ кон крајот на 2017 година.

Од директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата не успеавме да добиеме информација дали премиерската вила на Водно е во моментов празна, во очекување на нејзиниот следен станар, односно на идниот премиер кој ќе биде избран по завршувањето на изборите во април. Соговорници од СДСМ велат дека актуелниот технички премиер Оливер Спасовски, кој ќе биде на функцијата до изборот на новата влада, најверојатно, не е вселен во вилата на Водно, туку дека најчесто патува на релација Куманово-Скопје.

Претходниот технички премиер, Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, патуваше секојдневно од Пробиштип до Скопје, иако се задржа неочекувано мошне долго на функцијата, почнувајќи од јануари 2016, па сè до јуни 2017 година. Неговиот претходник Никола Груевски, пак, наспроти безбедносните протоколи, одбиваше да се пресели во премиерската вила и своите речиси десет премиерски години ги помина во својот дом на улица „Бихаќска“ во Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...