Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека се оградува од какви било разговори за „пакт против Србија”, апелирајќи до Косово и до Србија да градат пријателство низ дијалог.
– Сакам да се оградам од било какви разговори, не постоеле, ниту пак некој ги номинарал и само апелирам и до Косово и до Србија да градат пријателство низ дијалог – изјави Заев.
Според македонскиот премиер, на ниту едно ниво никогаш не се водени такви разговори.
– Како Влада во регионот, Европа и во светот важиме како градители на добрососедските односи. Ние сме пријатели со сите наши соседи. Никој од нас не побарал ниту пак е разговарано за ова прашање – истакна Заев одговарајќи на прашање за изјавата на косовскиот вицепремиер Енвер Хоџај за „пакт против Србија”.
Очекуваме, додаде тој, нашиот регион да ги постигне четирите цели за кои се залагаме секогаш кога ќе се сретнеме со премиерите на нашите соседи, а тоа е економска соработка, регионален економски развој, регионална соработка и интеграција во ЕУ.