Заев: Северна Македонија била и секогаш ќе биде Европа

134

Граѓаните на Република Северна Македонија денес се горди на својот избор, ја избравме иднината, која и припаѓа на Европската унија. Ги избравме Европа и ЕУ, затоа што се изградени на вредности во кои веруваме и ги практикуваме, порача денеска премиерот Зоран Заев во Владата, каде беа одбележани 9 Мај – Денот на победа над фашизмот и Денот на Европа, но и 70 години од основањето на Сојузот на НОБ и 75 годишнината од првото заседание на АСНОМ.

– По сите премрежја и искушенија презедовме крупни и храбри чекори со цел од државата да направиме дом за сите, европски дом затоа што Република Северна Македонија била и секогаш ќе биде Европа – рече Заев.

Додаде дека преку крупни чекори е зацврстено значењето на АСНОМ, преку државно-правната традиција, но и во преамбулата на Уставот.

– Наскоро ќе стоиме пред јарболот во седиште на НАТО кога ќе се издига македонското знаме. Ќе стоиме гордо затоа што грбот, химната и знамето остануваат засекогаш во нашиот код на нашиот идентитет, исто како и нашата територија, јазикот именувањето на народот со сите атрибути, со својата историја, култура и наследство, јасно и гордо македонски – нагласи премиерот, оддавајќи им почести и заблагодарувајќи и на борците од НОБ за нивната вековна борба и стремежот на македонскиот народ и на сите граѓани за самостојна држава.

Додаде дека 9 Мај е голем датум впишан со трајни букви во историјата на Европа и Европејците.

„Треба да бидеме будни кон фашистичките појави и да умееме да ги препознаваме“, е позната мисла на нобеловецот Умберто Еко, која ја цитираше претседателот на главниот одбор на Сојузот на борците од НОБ, Никола Стојански, во своето обраќање во Владата.

– Другари и другари, дами и господа на 25 и 26 мај 1948 година во Скопје се одржа првиот основачки конгрес на Сојузот на борците, потсети Стојановски и додаде дека основа цел на Сојузот била обновата и изградбата на земјата.

Истакна дека по крвавата војна во која македонскиот народ и народностите дале 24 илјади жртви и претрпеле многубројни страдања и уривања Сојузот се соочувал со тешка одговорности да чува скапо стекната слобода во остварена во Антифашистичката коалиција.

Додаде дека Сојузот на борци активно се вклучил во периодот на транзиција и оти во новиот Устав се води грижа за учесниците на НОБ.

Потпретседателот на Сојузот Борко Зафировски во својот говор рече дека денеска почнува нова епоха за помладите, мудри и храбри политичари, без предрасуди, кои ќе ги зачуваат вредностите на државата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...