Заев – Рот: Нема да дозволиме процесот да го доведат во ризик неодговорни ултиматуми

327

Многу сме блиску до реализацијата на стратешките цели на Република Македонија – членството во ЕУ и НАТО, и нема да дозволиме процесот да го нарушат или да го доведат во ризик неодговорни ултиматуми, рекол премиерот Зоран Заев на средбата со државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот.

– Остануваме посветени до крај да стигнеме до решенија кои ќе овозможат услови за фер референдум во интерес на граѓаните на нашата земја. Законот е еднаков за сите, амнестијата за политичкиот криминал е невозможна и особено нема да попуштиме пред притисокот да отстапиме од владеењето на правото – рече Заев.

Премиерот на средбата се осврнал на актуелната политичка ситуација во земјата со посебен акцент на процесот на постигнување политичка согласност околу основните принципи и прашања поврзани со реализацијата на референдумот за договорот со Република Грција кој ги донесе пред успешна завршница евроатлантските аспирации на Република Македонија.

Заев ја нагласли исклучителната поддршка што во изминатиот период дојде од СР Германија и од Канцеларката Меркел во трансформацијата на политичката криза во која беше западната Република Македонија, во период на сеопфатни реформски зафати кои кулминираа со признание за напредокот на земјата со датумот за преговори со ЕУ и со поканата за членство во НАТО.

Државниот министер надлежен за Европа во Министерството за надворешни работи на СР Германија Михаел Рот, истакнал дека Република Македонија со датумот за преговори со ЕУ и со поканата за НАТО отвори ново поглавје во својата историја и, истовремено, отвори ново значајно поглавје и во историјата на Европа во период кога за ЕУ е од огромна важност единството на сите европски земји.

Рот, нагласил дека Република Македонија и понатаму може да смета на целосна и силна поддршка од СР Германија. Тој потенцираше дека претстојниот референдум е момент за одлука за европската иднина за Македонија и дека одговорноста сега треба да ја преземат сите релевантни политички субјекти во земјата, вклучувајќи ја и опозицијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...