„Родољубски и татковински, онака како што борците на НОБ ја извојувале слободата и независноста на државата така и ние денеска ја осигуруваме нејзината иднина и перспективност“, е пораката со која Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев им се обрати на присутните пензионери и борци од НОБ од општина Карпош со кои тој денеска се сретна и разговараше за важноста на големата историска одлука пред којашто се исправени граѓаните на Република Македонија.
Премиерот Заев рече дека македонскиот народ во клучни историски моменти секогаш покажал државотворност и голема мудрост при носењето на важните одлуки за иднината на државата и тоа ќе го потврди и на 30 септември.
– Вредно е ова што го правиме. Обезбедуваме иднина за нашите деца и внуци. Затоа важно е да излеземе сите и да одлучиме за доброто на државата. Разговарајте со вашите роднини, комшии и пријатели, споделете ги пораките, спротивставете ги аргументите, кажете им дека е одговорно и важно да се излезе и гласа на референдумот бидејќи одлучуваме Македонија по кој пат ќе продолжи да се движи – порача премиерот Заев.
Зборувајќи за придобивките од членството на нашата земја во ЕУ и НАТО, премиерот Заев рече дека материјалната финансиска поддршка којашто земјата ја добива од ЕУ и НАТО ќе расте и во таа насока тој додаде дека годишно преку европските фондови Македонија добива 90 милиони евра, односно 260.000 евра дневно.
„Ќе бидеме триесетта земја членка на најмоќниот сојуз во светот и ќе одлучуваме заедно со нив. Ќе обезбедиме траен мир и стабилност за нашата земја и ќе партиципираме во обезбедување на светскиот мир.“ истакна премиерот Заев.
По завршувањето на средбата со пензионерите и претставниците на борците од НОБ, премиерот и претседател на СДСМ подели информативни материјали на карпошани и ги повика масовно да излезат и гласаат на 30-ти септември.