Премиерот Зоран Заев, на маргините на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, што денеска се одржува во Лондон, имаше средби со претставници на Охридската група, пријатели и поддржувачи на нашата земја, предводени од сер Џорџ Робертсон, соопшти Владата.
На средбите искусните дипломати и политичари, претставници на повеќе меѓународни организации, го истакнаа исклучителниот напредок на Република Македонија и ја нагласија историската важност за постигнатиот договор со Република Грција кој ги отвори вратите за членство во НАТО и датум за преговори со ЕУ.
Премиерот Заев ги запозна членовите на Охридската група со чекорите што претстојат при имплементацијата на договорот, а особено за референдумот на кој граѓаните треба да го кажат последниот збор и избор за иднината на земјата што ја гарантираат членството во НАТО и стартот на преговорите со Европската Унија.
Соговорниците на работните состаноци се согласија дека од огромна важност е што мнозинството од граѓаните го поддржуваат членството во ЕУ и НАТО и дека тоа е аргумент за оптимистички очекувања за исходот од референдумот.
Претставниците на Охридската група потенцираа дека овој напредок на земјата немаше да биде можен ако не беше храброто лидерство и успешната реализација на реформите.
Лорд Робертсон, поранешниот Генерален секретар на НАТО, информираше на средбите дека сите членови на групата Охрид и пријатели на Република Македонија го поддржале писмото кое во име на групата било испратено до шефовите на државите и на владите на земјите членки на ЕУ и НАТО, за позитивна одлука на Европскиот Совет и за најавеното активирање поканата за членство во НАТО.
На работните средби со премиерот Заев и со дел од владината делегација, претставниците на Охридската група истакнаа дека и понатаму остануваат посветени на поддршката за Република Македонија и уште еднаш потенцираа дека пред земјата е единствена шанса за трајно стабилизирање и за остварување на стратешките цели, членство во ЕУ и НАТО, кои гарантираат економски напредок и демократски институции.