Премиерот Зоран Заев денеска во Скопје е домаќин на бугарскиот колега Бојко Борисов по повод две години од потпишување на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, а од заедничката прес-конференција изрази надеж дека ќе се решат и недоразбирањата околу Гоце Делчев.
– Ги охрабруваме двете комисии, решивме четири историски личности кои заеднички ги чествуваме. Верувам дека ќе се најде решение и за херојот Гоце Делчев, тој е личност и херој кој нѐ поврзува. Делата на Делчев може само да нѐ поврзуваат и во чест на тоа денеска заедно со Борисов ќе се поклониме на неговиот гроб – порача Заев.
Премиерот посочи оти се познаваат ефектите од Договорот, а Европа го препознала ентузијазнот, па затоа догодина Македонија и Бугарија ќе ко-претседаваат со Берлинскиот процес.
Во двете години, рече Заев, се влезени 35 милиони евра инвестиции, но оти и наши компании заеднички инвестираат во Бугарија. Тој зборуваше и за придобивките во другите области, како што е културата каде, посочи премиер, уметниците и културните работници создадоа нови платформи за поврзување, не е само фестивалот „Една љубов“, туку и, посочи тој, мостот на поврзување што се создава.