Обврските за спроведување на понатамошните резултати продолжуваат, особено во областа на владеењето на правото. Во решавањето на предизвиците со кои се соочуваме целосно сме ангажирани во согласност со европските вредности и стандарди. Во тие рамки ја гледаме и дебатата за Законот за јавно обвинителство. Случајот „Рекет“ е силен текст за судството и за успех на реформите. Институционалното разрешување на овој и на сите клучни случаеви ќе ја докажат независноста на судството и јасната политичка волја за борба против корупцијата.
Ова го изјави премиерот Зоран Заев за што рече дека тоа се уверувањата со кои денеска го пречекале претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
На заедничката прес-конференција Заев рече дека по 10 позитивни препораки и заклучоците од лани и годинава на Европската комисија, повеќе од убедени се дека во октомври ќе има позитивна одлука од ЕУ лидерите.
Со таа седница ќе претседава токму Туск кого премиерот рече дека денеска детално го запознале со состојбата. По одлуката во октомври, посочи Заев, треба да следува повик од Европската комисија да се утврди преговарачката рамка и да се закаже првата меѓувладина седница.
– Нема зошто тоа да не биде до крајот на годината или на почетокот на идната година – рече Заев.
Тој процес на преговори, порача тој, се докажал како незаменлива алатка која во сите земји кандидатки генерира позитивни и успешни приказни.