Разочаран сум од исходот на лидерската средба и однесувањето на опонентите од другата страна со кои преговаравме. Имав надеж дека ќе успеат да ја сменат матрицата на нивното однесување, дека ќе излезат од заложништвото на нивните претходници, но за жал тоа не се случи. Тие не отстапуваат од матрицата на однесување која беше – груевизам до доцна во ноќата, изјави денеска премиерот Зоран Заев по синоќешната неуспешна лидерска средба на која се разговараше за решение за новиот закон за јавно обвинителство.
– Постојано колку и да бевме попустливи на крајот секогаш кај Мицкоски сѐ се сведуваше на едно барање – амнестија или уништување, запирање и крај на случаите од претходниот режим.
Се обидовме со сѐ. Се потрудивме да гледаме низ очите на опозицијата, но сепак да не дозволиме црвените линии да се поминат – рече Заев.
Тој објасни дека опозицијата барала предметите на СЈО да дојдат под нејзина контрола за, како што рече, конечно и да запрат.
– Бараат криминалот да им го заташкаме, ниту ги интересира ЕУ и НАТО, ниту владеење на правото, ниту напредокот на земјата. Затоа е тешко да се постигне договор, затоа синоќа не постигнаме договор. Жал ми е што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште живеат заробени од нивното претходно раководство, не успеваат да видат дека сега е моментот сите да покажеме дека сме за правда и правна држава – рече Заев.
Опозицијата, според Заев, барала сите предмети пред 30 јуни 2016 да ги преземе обвинител избран од нивна страна со цел за потоа да ги доведе до уништатување и запирање.
– Да се запрат сите истраги за предмети по 30 јуни, односно да не се прецизира што со тие што се во предистрага и истрага. Понудивме формирање е ново јавно обвинителство со обвинител кое ќе гони висока корупција, кој ќе го избира опозицијата. Но нив тоа не ги интересира туку само да се запрат предметите. Предложивме сите предмети да поминат кај Јовески и тој да оцени како и дали ќе продолжат – објасни Заев.