Разоткриен е хибриден напад врз кабинетот на премиерот Зоран Заев, при што бил злоупотребен идентитетот на младата еко-активистка, Грета Тунберг, обзнани Марјан Забрчанец, советник на премиерот во рамки на дискусијата за дезинформации на конференцијата е-Општество.
Тој рече дека манипулаторите употребиле брендирани е-маил адреси и телефонски броеви, и преку официјално барање до македонско дипломатско претставништво, успеале да закажат и да реализираат телефонски разговор со премиерот Заев, претставувајќи се како Грета Тунберг и нејзиниот татко. Одредени делови од разговорот биле сомнителни за премиерот и за неговите советници, но сепак била донесена одлука разговорот да оди до крај, со цел да се разоткрие сомнежот.
– После разоткривањето, стапивме во контакт со семејството на Грета, ги известивме за сите детали, ги известивме дека ќе објавиме во јавност, а од таму добивме одговор дека и тие се многу вознемирени од ваквите вести, дека ќе пријават за злоупотребата до надлежните органи, и дека се многу благодарни што сме ги информирале за оваа злоупотреба – информира Забрчанец.
Тој објасни дека овој случај на хибриден напад е многу пософистициран од случајот со руските пранкери, но внимателната комуникација овозможила да биде разоткриен и разобличен.