Заев: Промовираме како еден лидер може, треба и мора да се издигне над предрасудите

217

Честитки мои драги пријатели Алексис и Душко! Честитки и за другите лауреати и добитници! Во градот на победата на мирот над немирите, соживотот над поделбите, градот – мост на бројни, цврсти, светски пријателства, во убавиот Мостар, да се добие награда за придонес кон мирот, поврзувањето и меѓусебното почитување, „Мостарската повелба за мирот“ – тоа е огромна заслужена чест. Ќе додадам, и огромна одговорност, да се остане достоинствен претставник на овие вредности.

Ова, синоќа во своето обраќање го изјави премиерот Зоран Заев кој присуствуваше на традиционалната манифестација во Мостар, Mostar Peace Connection.

Премиерот Заев им честиташе на овогодинешните добитници на наградата, премиерот на Грција, Алексис Ципрас и на Црна Гора, Душко Марковиќ, посочи дека успесите на Македонија се должат на неговото храбро лидерство, но и на пријателската соработка во регионот и принципиелната поставеност на меѓународната заедница што резултираше со покана за пристапни преговори на нашата држава во НАТО и најава за датум за преговори со ЕУ во јуни 2019 година.

– Промовираме како еден лидер може, треба и мора да се издигне над предрасудите, и самиот да стане мост, поврзувајќи се со други лидери кои им мислат добро на своите граѓани. Никој сам не опстојал и сам не успеал. Човек на човек му е потребен, сосед на сосед, држава на држава. Тоа е светот, мотивирачки, охрабрувачки различности во едно, коишто се надополнуваат и на тој начин се развиваат и придонесуваат за развојот на другиот. Ние, лидерите од регионот го направивме ова за што зборувам. Се поврзавме меѓусебно, покажавме достоинствена почит едни за други, завртевме грб на она што нѐ дели и го дофативме она што нѐ поврзува.
Тоа што нè поврзува е заедничката иднина на нашите граѓани, на регионот и на светот. Тоа што нè поврзува е потребата за стабилност, сигурност и безбедност, а со тоа и економски придобивки, за нашите граѓани и нашите држави.
Нашиот регион, ако е стабилен, безбеден и развиен, и Европа ќе биде стабилна, безбедна и развиена. Европа ако е стабилна, безбедна и развиена, ќе придонесува кон стабилен, безбеден и развиен свет – рече Заев.

Тој додаде дека откако ја добил наградата за мир лани, не е поголем борец за мирот од тоа што бил, но дека на посебен начин ја чувствува одговорноста што му ја довериле.

– Низ овие мои заложби, со огромната поддршка од моите граѓани, со моите соработници во Владата на Република Македонија, со поддршката од пријателите од регионот, со вас кои сте тука и со оние кои не се овде, со пријателите од Европа и светот – мојата држава успеа да добие покана за почеток на пристапни преговори со НАТО и датум за почеток на преговори за членство во ЕУ во јуни 2019 година.
Ете пример како се може, само заедно и зошто се неопходни мостовите.
По мирната разврска на политичката криза, ние сме посветени кон должноста Владата да биде сервис на граѓаните и да ги реализира промените што ги избраа граѓаните.
Резултатот на тие промени се повисок животен стандард, економски просперитет, членство во Европската унија и на НАТО.
Затоа верувам дека нашите граѓани, заедно и сплотено ќе ја реализираат до крај својата визија, низ успешен референдум што пресвртно ќе влијае на подобрување на квалитетот на сечиј живот – рече Заев.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...