Прогресивното одданочување не значи зголемување на даноците на граѓаните, туку претставува само симболична порака на солидарност, изјави денеска премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со министерот за финансии Драган Тевдовски.
– Симболично праведно оданочување кое зафати само еден отсто од вкупниот број на граѓани кои остваруваат приход, но, сепак, оваа симболика испраќа порака за солидарно општество – рече Заев.
Зев подвлече и дека високостручниот кадар не е опфатен со овој данок.
– Платите на вработените во ИТ секторот изнесуваат 1.000 евра, а на докторите специјалисти со септемвриското зголемување ќе достигне 90.000 денари – рече Заев.
Според него, со прогресивното одданочување социјалната помош по сите основи ќе се зголеми за 30 милиони евра, односно истата ќе порасне од 3.900 на 11.700 денари која ќе ја примаат над 70 отсто од социјално загрозените семејства во Македонија.
Заев зборуваше и за економските перспективи кои се отвораат пред бизнисите со подддршката што им се дава на домашните и странските инвестиции.
-250 домашни фирми добија помош од државата, 16 странски компании почнаа со градба 15 инвестиции има во земјодлеството, 15 лиценци се дадени и тие веќе почнаа да работат за производство на масло од канабис, преку 20 фабрики се отворени во индустриските зони во градовите… – рече Заев.
Тој најави дека годинава ќе има сериозно придвижување на инвестициите во изградба на патната и железничката инфраструктурата за што се обезбедени пари.
Тој како што рече не е задоволен од реалзацијата на капиталните инвестиции лани кои достигнаа до 67 отсто, но како што рече, годинава ќе се засили нивната реализација оти сите препреки кои се јавиле во изградбата на патиштата и железницата се отстранети. Главен акцент ќе се стави на патот Скопје- Приштина, но ќе продолжи изградбата на автопатите и железницата од Коридорот 8 како и гасификацијата на земјата.
Тој најави и инвестиции во енергетиката- хидроелектрани, фотоволтаици и ветерници како и во земјоделството каде што се градат две брани.
Заев нaјави и развој на јавно-приватното партнерство и во другите области кои ќе овозможат 2019 година да биде економска.
Според министерот Тевдовски, економијата во Македонија заздраве, а приватниот сектор веќе е главен двигател на растот. Дефицитот на буџетот изнесува 1,8 отсто од БДП и како резултат на тоа јавниот долг е ставен под контрола и е намален на 48,2 проценти во третиот квартал годинава.
-Силната стапка на раст на платите од 4,5 отсто очекуваме дека ќе продолжи и во 2019 година. Таа ќе се реализира и во приватниот и во јавниот скетор. Веќе е буџетиран раст на платите од 10 проценти на лекарите специјалисти и пет проценти на другиот медицински персонал почнувајќи од јануари. Исто така пет проценти на платите во градинките и училиштата и администрацијата со платата од септември годинава. Тоа ќе доведе до зголемена потрошувачка во еконмијата што ќе придонесе заживување на економската активност – рече Тевдовски.
Тој рече дека дополнителна поволност за инвестицирањето ќе има и забрзувањето на поголемите инфраструктурни проекти за што се надминати главните проблеми.
– Се очекува бруто инвестициите годинава да бидат повисоки за 4,2 отсто на реална основа, а во надворешната трговија да продолжат позитивните движења со очекуван реален раст на извозот на стоки и услуги од осум проценти при реален раст на увозот од 6,8 отсто. Очекувањата се реалниот економски раст да се забрза на 3,2 отсто, придружен со раст на вработеноста поттикнат со мерки за вработување во износ од 1,1 милијарда денари и поддршка на претпријатијата од 2,8 милијарди денари за инвестиции и отворање нови работни места – рече Тевдовски.
Тој информира дека проекцијата за раст на бројот на вработени е 2,1 отсто и треба да придонесе стапката на невработеност да се намали под 20 отсто.