Премиерот Зоран Заев попладнето пристигна во Србија, а на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ го пречека српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ, по што со делегацијата се упати кон Нови Сад каде утре, во Офицерскиот павиљон на Петроварадинската тврдина, ќе учествува на трилатерален состанок со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Владата на Република Албанија, Еди Рама.
Како што најавија од Кабинетот на српскиот претседател, по завршување на состанокот, кој треба да започне во 9 часот, тројцата лидери на Србија, Северна Македонија и Албанија ќе се обратат на медиумите.
Иницијативата за овој состанок на Вучиќ, Заев и Рама потекна од нивната средба на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, кон крајот на минатиот месец, кога српскиот претседател Александар Вучиќ ја потврди средбата, најавувајќи дека тие доаѓаат во Србија во првата половина на октомври на состанок посветен на отстранување на царинските бариери или како што истакна, со нив „ја иницирал идејата за понатамошно отстранување на различните бариери за водење бизнис на територијата на нашите три држави и слободниот проток на стоки, луѓе и услуги“.
Тој додаде дека тоа ќе биде првиот чекор и дека за Србија ќе биде „важно да ја вклучи и Приштина за соработката да биде на повисоко ниво на економски интеграции, отколку во ЦЕФТА, како и да се привлечат и БиХ и Црна Гора.“
Покрај бројните изјави на српските министри за т.н. „мал шенген“, српскиот претседател објаснувајќи ја темата на средбата изјави дека ќе се разговара за идејата за содавање на еден вид „Цефта плус-плус“, додека во најавата за утрешната трилатерлна средба, белградските медиуми ја цитараа изјавата на Вучиќ, кој оцени дека станува збор за „епохална идеја“ која добила „целосен консензус“ од премиерите на Северна Македонија и Албанија.
– Сфативме дека поединечно сме мали и слаби, но ако се обединиме во однос на економските слободи, ако излеземе како блок кон Европската унија и другите, верувам дека нашата сила ќе биде неспоредливо поголема. Сакаме поцврсто економски да се поврземе, со што драматично би го зголемиле нивото на инвестирање, такво опкружување каде би имале целосна слобода на движењето, сообраќајот и услугите, сето ова би не подигнало и за тоа наидов на целосна отвореност на Заев и Рама – рече претседателот на Србија.