Бидејќи во јавните настапи премиерот Зоран Заев не пропушта да каже дека се бори против корупција и рекетирање, а во македонската јавност користејќи псевдоними се зборува и пишува за сопственик на телевизија кој се занимава со корупција рекетирање и перење пари. Бидејќи за ова зборува целиот град, дали може до вас премиере допрел глас за сопственик на медиум под псевдоним Коки и дали сте запознаени дека тој изнудил 200.000 евра од поранешен градоначалник на скопска општина, го праша пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски премиерот Заев на собраниската седница за пратенички прашања.
– Да, допрено има глас до мене, Скопје зборува, зборува и внатрешноста. Прашав, проверив и ми рекоа дека се води истрага. Истрагата ќе ги каже резултатите. Дај боже да има пријава и да се расветли, а јас стојам на располагање да помогнам и да дадам прилог во борбата против корупција – рече Заев.
Пратеникот Милошоски дополнително го праша премиерот дали во корпусот на допрениот глас знае за кого станува збор кога се користи псевдонимот Кики. Дека се зборува оти е висок партиски функционер на СДСМ кој заедно со првоспоменатиот Коки биле кај градоначалничка на СДСМ и барале бесплатна локација за градба во висина од еден милион евра. И дали преку овие псевдоними Заев е сигурен дека едниот или другиот ги познава лично.
Премиерот на ова одговори:
– Интересно Коки и Кики. Но, немам намера да лустрирам луѓе однапред. Нормално дека сум се јавил на градоначалничката. Има дејствие кое се случило пред една година, одбиено им е барањето оти не постои таква локација, не дошло до реализација на такво дело. Барале попуст за комуналии, се барало локација за старечки дом и за пренамена која градоначалничката на Битола нема намера да прави. Тоа е во надлежноста на советот. Има истрага, таа нека утрвди, ако има докази нека одговара кој и да е – одговори Заев.