Премиерот Зоран Заев во изјава за медиуми по самитот на НАТО во Лондон рече дека добил лично уверување од шпанскиот премиер Педро Санчез дека Шпанија многу скоро ќе ја депонира ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја за членство во НАТО во Вашингтон.
Заев, меѓудругото рече дека денес Северна Македонија го живее сонот на генерациите пред нас, на сите граѓани и лидери од нашата земја кои се вградени во остварувањето на стратешкиот стремеж кој започна со независноста на нашата земја – се исполнува деценискиот стремеж нашата татковина да ја направиме членка на НАТО.
– Овие два дена во Лондон, кога нашата Северна Македонија е претставена на највисоко владино ниво на Состанокот на лидерите на НАТО, по повод 70-годишнината од Алијансата, се остварува на сонот, заедничкиот сон за национален успех на сите наши граѓани. Иднината на Северна Македонија има адреса. На таа адреса е запишана трајната безбедност и сигурност за земјата и за граѓаните. Таа адреса е Главното седиште на НАТО во Брисел – рече Заев.
Премиерот посочи дека и во Брисел, како и денеска во Лондон, уште еднаш ќе се крене и ќе остане кренато знамето на Северна Македонија, како на земја полноправна членка на најмоќниот воен и безбедносен сојуз на светот.
– Овие два дена во Лондон, во друштвото на лидерите на сите земји членки, на средбите со премиерите на Обединетото Кралство и на Канада Борис Џонсон и Џастин Трудо, потврдуваме дека НАТО е најмоќниот безбедносен и воен сојуз, но и симбол и синоним на највисоки демократски вредности, а ние сме дел од ова моќно семејство – истакна Заев.
Тој додаде дека како дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот, Северна Македонија станува фактор за стабилност во регионот, извозник на безбедност, земја во која граѓаните, младите и децата имаат сигурна иднина.
– Денеска со право можеме да кажеме дека сме дел од глобалните процеси кои не ставаат во редот на сојузниците со кои заеднички ќе се справуваме со сите конвенционални и хибридни закани за сигурноста, безбедноста, и за мирот. Овој генерациски успех на нашата земја нека биде поттик за ЕУ да ја поправи својата грешка во однос на нашето отпочнување на преговорите за членство, а за сите нас дома нека биде поттик уште посилно да ги продолжиме нашите реформи и да си ја направиме земјата уште поубаво и подобро место за живеење – истакна Заев.
Заев порача дека членството во НАТО е горивото да продолжиме со одлучноста, посветеноста и храброста и да го завршиме и нашиот пат до членство во ЕУ.
– Македонските граѓани заслужија убава иднина, денес НАТО го потврдува тоа – рече Заев во изјава за медиуми по самитот на Алијансата во Лондон.