Судот испратил покана до премиерот Зоран Заев да дојде да сведочи денеска на рочиштето за обид за убиство на Зијадин Села, но тој го известил судот дека поради однапред договорени работни обврски не може да присуствува на денешната расправа.
Денеска во судот требаше да дојде и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев, но бил неуредно поканет. Во судница засега е присутен само еден од повиканите сведоци, Тони Мамдаровски. Утрово во судот се јавил и Александар Трајков кој на 27 април беше во Собранието како обезбедување на Заев. Тој го известил судот дека поради работни обврски ќе дојде на рочиштето подоцна во текот на денот. Уредно е повикан уште еден сведок, Антонио Филев, но дали ќе се појави засега нема информации.
Пред да дојде на ред сослушувањето на сведоците, на денешното рочиште ќе се гледаат нови снимки направени во прес-салата на 27 април кои според најавите се едни од поважните бидејќи на нив се гледаат и конкретни насилни дејствија врз оштетениот Зијадин Села. На претходното рочиште кое се одржа на годишнината од упадот во Собранието, на 27 април, во судницата околу шест часа се гледаа снимки од безбедносната камера во холот пред влезот во прес-салата во Собранието, од телевизиските камери кои снимаа внатре во прес-салата, како и снимки извадени од запленети мобилни телефони сопственост на дел од присутните граѓани во просторијата. Од видеата кои се гледаа тогаш беше евидентирано присуството на обвинетите во прес-салата, како и на другите демонстранти, меѓу кои и групата со фантомки на главата, можеа да се видат и дел од насилните дејствија, како фрлањето сталаци за камери, столици, монитори и даски кон групата пратеници, но и првичната местоположба на Зијадин Села во прес-салата, кој при упадот стоел во последниот ред пратениците сместени во еден од ќошовите од просторијата. На снимката од безбедносната камера поставена во холот над влезот од прес-салата, во еден дел делумно можеше да се види и како фатен за раце и нозе го изнесуваат полумртвиот Села.