Начинот на промена на членот 49 од Уставот е унифицирање со европската пракса за тоа како се води грижа за дијаспората, изјави премиерот Зоран Заев на прес-конеференцијата на која го најави договореното за спорот за името со Грција.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали договорот содржи одредба со која се отстрануваат наводите во Уставот за „заштита на македонското малцинство“ вон границите и се спроведува соодветниот член што постои во грчкиот Устав за дијаспората, како што јавија грчките медиуми, Заев посочи дека станува збор за усогласување со европската пракса.
– На тој начин ќе го прецизираме делот за грижата за нашата дијаспора, каде и да се наоѓаат во светот, а при тоа да не иритираме кој било од соседите – додаде премиерот.