Заев: После 27 години ајде да направиме квантен скок

Сега е моментот да застанеме заедно и да донесеме одлука за европска Македонија. Ова не е за партиите, ова е за нашата Македонија и за идните генерации, рече премиерот на вечерашната граѓанска трибина организирана од коалицијата „Излези за европска Македонија“.

433

Убеден дека заедно на 30 септември ќе донесеме правилна одлука со која ќе ја обезбедиме иднината на европска Македонија и ќе му порачаме на светот кој силно не поддржува дека сме цврсто определени за интеграција со ЕУ и НАТО, рече вечерва во скопската  општина Карпош премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев на граѓанската трибина организирана од коалицијата „Излези за европска Македонија“.

Зачленувањето во НАТО, според Заев, ќе донесе нови и големи директни странски инвестиции во економијата во Македонија.

– Сите комори во државава се заедно со оваа коалиција заради тоа што бизнисите имаат иднина во европскиот пазар од 500 милиони потрошувачи што е 250 пати поголем од македонскиот пазар. Синдикатите се сите со нас затоа што знаат дека покрај перспективите на нашата земја ќе имаат поголеми работнички права, поголеми плати и подостоинствени работници – рече Заев.

Македонија до сега, како што истакна Заев, добива 90 милиони евра грантови на годишно ниво.

– Тоа се 260 илјади евра дневно помош од ЕУ за граѓаните и институциите во Македонија. Секоја година имаме 18 милиони евра директна поддршка за правосудството и за безбедноста во државата, 18 милиони евра годишно имаме за транспорт, односно за патишта, железници, тунели и мостови, 8,5 милиони евра годишно добиваме за граничните премини, 15 милиони евра добиваме поддршка за земјоделството – истакна Заев.

Во контекст на тоа, додаде дека секаде провејуваат европски пари затоа што Европа е искрен пријател на Македонија.

– НАТО и ЕУ, покрај безбедноста значат и економија. Убеден сум дека со ваквите чекори ја заокружуваме и најважната причина – економски раст и развој, обезбеденост на целокупните перспективи на нашата земја. Да направиме конечно после 27 години квантен скок… – рече Заев.

Зборувајќи за договорите со Бугарија и Грција, премиерот Заев истакна дека преку овие договори веќе немаме проблеми со признавањето на нашата земја, народот, идентитетот и јазикот.

– Македонија денеска со сите свои соседни е пријател. Добивме пријатели кои убеден сум дека силно ќе не поддржат на нашиот пат и определбата за европска Македонија – потенцира Заев.

Тој посочи дека добиваме иднина и им гарантираме на нашите деца перспективи.

– Сега е моментот да застанеме заедно и да донесеме одлука за европска Македонија. Ова не е за партиите, ова е за нашата Македонија и за идните генерации – рече Заев.

 

фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...