Владините партнери Зоран Заев и Али Ахмети ќе се договорат за консензуален кандидат за претседател на државата, прашање е само дали тоа ќе биде надпартиски или партиски кандидат, брифираат партиски извори.
Заев би бил последна опција за претседател, за да спречи раскол во СДСМ. За Ахмети број еден на листата за консензуален шеф на државата сѐ уште е Денко Малески. Доколку Заев инсистира на кандидат кој не проаѓа кај ДУИ, Ахмети го токми Владо Поповски. Првиот опозиционер Христијан Мицкоски наводно го убедува Ахмети да не оди со консензуален кандидат за СДСМ да ги изгуби претседателските избори. Ова се партиските анализи во пресрет на средбата помеѓу Заев и Ахмети, по која се очекува и официјална потврда дека на претседателските избори СДСМ и ДУИ ќе настапат со заеднички кандидат и евентуално името на кандидатот.
Според партиски извори, консензуалниот кандидат нема да биде Албанец, бидејќи на Ахмети сега му е битно да помине концептот за консензуален претседател. Со ова ДУИ веројатно прави простор идниот претседател на државата кој ќе се избира по пет години да биде Албанец. Извори од ДУИ брифираат дека Ахмети на средба со Заев веќе му го предложил професорот Денко Малески за консензуален кандидат за претседател. Од таму не коментираат како Малески поминал кај Заев.
– Убаво е што има добри кандидати што сакаат да влезат во трка. Сега преку анкети ќе видиме кого народот најмногу го сака. Тој или таа ќе биде кандидат за претседател – вели висок функционер на СДСМ.
Но тој не прецизира дали сепак СДСМ ќе понуди партиски кадар за консензуален кандидат. Заев иако веќе изјави дека нема да се кандидира за претседател на државата, сепак, според наши извори, таа опција не е отфрлена до крај. Заев би влетал како последна опција за да спречи евентуален раскол во СДСМ меѓу потенцијалните претседателски кандидати.
Партиски извори брифираат дека во ДУИ не очекуваат отпор кандидатот да биде предлог на СДСМ, ако се има предвид бројноста на гласачкото тело на СДСМ и на ДУИ. До курцшлус може да дојде само во случај ако СДСМ предложи кандидат кој не би поминал кај ДУИ. Според наши извори, од имињата што се вртат како можни кандидати од СДСМ, кај ДУИ би поминале Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска, но не и Никола Димитров и Стево Пендаровски. Ако на ДУИ не ѝ се допадне кандидатот, Ахмети би го понудил професорот Владо Поповски, но ова како провокација, бидејќи знаат дека тој не поминува кај социјалдемократското гласачко тело, со цел да изнудат понуда која за интегративците би била прифатлива.
Висок функционер на СДСМ брифира дека концептот консензуален кандидат за претседател е алиби на ДУИ за да не доживее фијаско на претседателските избори. И дека токму поради ова Ахмети ќе го прифати секој кандидат кој ќе го предложи Заев.
Од друга страна, од ДУИ брифираат дека Мицкоски „го молел“ Ахмети да се откаже од консензуален кандидат и на изборите да истрча со свој кандидат за СДСМ да ги изгуби изборите. Но, ова барем засега е најмалку остварливото сценарио.