„Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија” не се подготвува само затоа што е дел од Програмата на Владата на РСМ и само заради препораките на меѓународните тела на Обединетите нации, Советот на Европа, Европската комисија, како и Организацијата за безбедност и соработка во Европа, истакна денеска премиерот Зоран Заев на првата од серијата јавни дискусии за нацрт текст на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија”.
Освен него, во воведниот дел се обратија и министерката за правда, Рената Дескоска, како и првиот извршен директор на Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ), Алберт Муслиу. Дебатата, во која зедоа учество и претставници од граѓанскиот сектори од државните институции, со внимание ја проследија и претставници од дипломатскиот кор на земјата.
– Стратегијата е исцртување на една од главните карактеристики и вредности на Република Северна Македонија. Земја која во светот веќе се препознава по нашата определба да градиме и негуваме општество еднакво за сите. Да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики како посебност и суштина на нашето заедништво. Заедништво што се градеше со векови и кое претставува обврска за нашата заедничка иднина. Затоа со право се залагаме и велиме дека различностите на нашето општество ги сметаме за наша предност. Од Стратегијата ќе направиме жив инструмент за превенција од доминација на етноцентрична култура“, нагласи Претседателот на Владата на РСМ, Заев, информираа од Владата.
Премиерот Заев говореше за клучните приоритети кои ќе бидат опфатени во стратегијата, како недискриминацијата и еднаквите можности за сите граѓани во општеството, во однос на сексуалната ориентација, родовиот идентитет, како и спречување на сегрегацијата на лицата со попреченост.
Премиерот Заев информираше и за новите реформи кои се предвидени во основното и средното образование, кои имаат за цел да ја зголемат вклученоста на учениците со посебни образовни потреби, ученици од маргинализираните групи и средини и децата кои не биле вклучени во настава. Дополнително, наставните учебници и програми ќе бидат ревидирани според концептот на еднаквост и недискриминација.
„Интеркултурализмот е пристап чија задача е да развива кохезивни граѓански општества преку трансформација на едно-димензионални во повеќедимензионални идентитети и преку развој на заеднички вредносен систем и јавна култура. Докажавме дека имаме политичка и општествена волја за решавање спорови. Можеме да докажеме дека умееме да бидеме модел и за успешно и функционално општество еднакво за сите“, нагласи Заев.
Министерката Дескоска посочи дека оваа Стратегија ги содржи насоките за градење општество кое целосно ќе го стесни просторот на националниот шовинизам и лажните вредности и поделби кои тој ги промовира.
„Отворањето преговори за членство во ЕУ ќе значи отворање на поглавјето за „Правосудство и основни човекови права“ во чиј составен дел се и прашањата за почитување на културната, верската и јазичната разноликост, како и мерките против расизам, ксенофобија и слично. Оваа Стратегија која денес ја промовираме, ќе даде дополнителен прилог побрзо да го поминеме овој дел во преговорите кој треба да резултира во усогласување на законодавната и институционалната рамка на основни човекови права која ги содржи гаранциите на еднаквоста, како што е забраната за дискриминација. Наша задача е да градиме поддршка за соодветна имплементација на законите и културата на интеркултурен дијалог“, истакна Дескоска.
Пораката која ја испрати извршниот директор на АДИ, Алберт Муслиу, е таа дека општествената инклузија, заснована на еднаквост, недискриминација и почитување на човековите права, и ќе помогне во остварувањето на целите на стратегијата.
Јавни дискусии за Стратегијата се предвидени во Битола на 23 мај, во Кочани на 27 мај, во Струмица на 30 мај, во Кавадарци на 3 јуни, во Куманово на 7 јуни, во Струга на 11 јуни, во Гостивар на 14 јуни, и во Скопје на крај на јуни оваа година.