Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска изјави дека е подготвен да разговара со сите политички партии, нагласувајќи дека сепак не може да каже на што е подготвен Социјалдемократскиот сојуз во однос на коалицирањето со други партии, бидејќи такви одлуки носат органите и телата на партијата.
– Подготвен сум да разговарам со секого за идни соработки. Сум соработувал со сите политички партии како политичар. Сум соработувал за уставните промени, за законски решенија, за Преспанскиот договор и можам да разговарам со сите. Алијанса за Албанците беше и во Владата, со БЕСА, па дури и со помалите албански партии сме имале соработка – рече Заев во изјава за медиумите по денешниот Хуманитарен базар на СДСМ.
Тој вели дека полека почнале да разговараат со речиси сите партии, а со владејачките партии со кои коалицираат имаат комуникација на дневна основа и разговараат за идни соработки.
– Остануваме отворени за соработка заради тоа што веројатно ние сме единствениот политички субјект, заради нашиот влог што сме го направиле во минатото, што може да соработува со сите, зборувам баш со сите, со владејачките, опозициските партии, секако освен со ВМРО-ДПМНЕ во делот на коалиции за Влада. Едниот останува опозиција, едниот е власт, но со сите други политички партии, може да соработуваме. Ќе носиме одлука според тоа што е најважно за државата, а после тоа како најдобро СДСМ ќе се позиционира во пресрет на победата која што ја очекуваме – нагласи Заев.