Заев-Пејџ: Приоритет да бидат државните, а не личните и партиските интереси

69

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Ендру Пејџ, директор за Западен Балкан во британското Министерство за надворешни работи, придружуван од Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија.

Директорот од британското МНР за Западен Балкан, Пејџ на средбата порачал дека регионот е во нов моментум, а таа позитивна клима во голем дел е благодарение на постигнувањата на Македонија и следните чекори што мора да ги направи државава се прогрес во интеграциите.

На средбата, како што информираат од владината прес-служба, заеднички било констатирано дека е потребно сите во државата да преземат одговорност за успешност на овој важен процес.

– Ние знаеме дека мора да бидеме одговорни и да преземаме чекори, бидејќи само така ќе ја осигуриме иднината на граѓаните, на економски и на безбедносен план. Убеден сум дека мнозинството граѓани ќе излезат на референдумот и ќе гласаат за Македонија во ЕУ и во НАТО. Она што е важно е и сите политички субјекти да ги остават личните и партиски интереси и да се определат за државните интереси, тоа значи да излезат и да се изјаснат на референдумот, рече премиерот Заев.

Заев, посочил дека и анкетите покажуваат мнозинска поддршка од граѓаните кои ја гледаат Македонија во ЕУ и НАТО, затоа што знаат дека тоа се перспективите за младите и за државата.

– Испративме пораки, како граѓани и како држава, во европски дух, дека можеме да градиме пријателства. Верувам и дека на референдумот ќе донесеме уште една правилна одлука за иднината на сегашните генерации, за нашите деца и за нашата држава, изјави премиерот Заев.

На средбата било разговарано и за други актуелни политички прашања во интерес на стабилноста, безбедноста и економскиот развој на целиот регион.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...