Заев-Палмер: Поддршка од Вашингтон за успешен референдум во Македонија и членство во НАТО

314

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, попладневно одржа средба со вршителот на должност заменик помошник државен секретар на САД, Метју Палмер, на која разговарале за политичките процеси во земјава како и подготовките за реализирање на претстојниот референдум закажан за 30 септември.

На средбата, како што информираат од владината прес-служба, заеднички било оценето дека ова е историски настан во кој граѓаните треба целосно да се вклучат и да ја имаат можноста слободно да се изјаснат.

Било истакнато дека потпишувањето на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција е позитивен пример за целиот регион на Југоисточна Европа во насока на решавање на отворените прашања, гарантирање на стабилност, подобрување на добрососедските односи и продлабочување на економската соработка.

Премиерот Заев изразил благодарност за силната поддршка од страна на САД за време на неодамнешниот самит на НАТО во Брисел кога нашата земја ја доби поканата за започнување на преговорите за членство во НАТО.

Стејт департментот, се вели во соопштението, повеќе пати јасно има изразено силна поддршка кон интеграцијата на Република Македонија во НАТО и во ЕУ и останува доследен на своите принципи на поддршка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...