
Во Македонија се донесоа важни одлуки. Верувам дека до крајот на јануари Парламентот ќе даде поддршка на Договорот со Грција, по што ќе следува и поддршка на Договорот и од страна на Грција, како и на протоколот за членство на Македонија во НАТО. Веруваме дека Хрватска ќе биде една од првите земји што ќе го потпише протоколот за членство на Македонија во НАТО. И дека Македонија ќе биде 30- та земја членка на НАТО – рече премиерот Зоран Заев, кој од денеска е во официјална посета на Република Хрватска, придружуван од Кире Наумов, заменик министер за економија, Виктор Димовски, државен секретар во МНР и советници.
Премиерот Заев, како што информираа од Владата, изрази огромна благодарност до граѓаните на Република Хрватска, до неговиот колега и пријател, премиерот Андреј Пленковиќ, до Владата, за искрената, континуирана и силна поддршка што ја даваат на граѓаните и на Република Македонија, во интегрирањето кон ЕУ и НАТО.
-Имаме договор и со Бугарија. Правиме реформи во правосудството, медиумите, јавната администрација, борбата против криминалот и корупцијата. Очекуваме дека ќе почнеме преговори во јуни со ЕУ. Оваа посета на Хрватска е само уште една силна порака за големото пријателство меѓу двете земји – изјавил Заев.
Премиерот Андреј Пленковиќ ги поддржа храбрите политики на премиерот Заев и Владата, што конечно отвораат пат кон заслужените ЕУ и НАТО интеграции и најави целосна поддршка од Хрватска во овие процеси.
Тој рече дека премиерот Заев и Владата изминатите месеци направиле низа храбри одлуки што ќе се одразат со формално членство во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ во јуни. Премиерот Пленковиќ рече дека Хрватска ќе се заложи за подинамичен преговарачки процес, за Македонија во ЕУ интеграциите да го надополни пропуштеното.
На средбата на ниво на владини делегации се разговарало за актуелни политички прашања во двете земји и за можностите за интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена. Премиерот Заев и директно ги повикал хрватските компании да инвестираат во Македонија.
Претседателот на Владата, Заев, и владината делегација, ја продолжуваат официјалната посета на Хрватска со средби со хрватската претседателка на државата, Колинда Грабар – Китаровиќ и со претседателот на Собранието на Република Хрватска, Гордан Јандроковиќ.
Утре, премиерот Зоран Заев и владината делегација ќе учествуваат на Самитот на шефови на влади на земјите од Централно Европската Иницијатива (CEI).
Инаку, на Самитот во Загреб престојува и унгарскиот премиер, Виктор Орбан, кој неодамна му даде азил на поранешниот премиер Никола Груески, кој избега во Унгарија.