Премиерот Зоран Заев изјави дека очекува исчекор од денешната средба во Виена на шефовите на дипломатите на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот на Обединетите нации за спорот со името, Метју Нимиц.
Како што рече денеска премиерот, одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на годишната програма за вработување, верува во двајцата министри за надворешни работи, а и тој самиот е оптимист.
– Има напредок кој ни дава причина да направиме исчекор и на денешната средба во Виена. Европскиот однос, преку дијалог, да се изнаоѓаат решенија, ја испраќа пораката за добра идината – нагласи Заев.
Во врска со собраниските случувања од 27 април лани кои за два дена ќе одбележат една година, Заев порача дека поуката која ја извлековме е да не се повтори никогаш повеќе.
– Убеден сум дека ќе има правна разрешница. Дека инволвираните лица ќе одговараат и дека правниот систем нема да затаи, туку ќе донесе правични одлуки – потенцира премиерот.
За најавената реконструкција во Владата, кажа дека разговорите се при крај и дека по првомајските празници тој лично ќе излезе да и соопшти на јавноста за одлуките.
– Повеќе ги користам викендите за овој тип разговори и овој викенд што е пред нас тие ќе привршат – дополни Заев.