Заев: Опозицијата да се вклучи и да ги повика граѓаните на референдум

Прашањето ќе биде „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Р. Македонија и Р. Грција“, а референдумот ќе биде консултативен, рече Заев.

1180

Премиерот Зоран Заев очекува поддршка од пратениците од владеjачкото мнозинство во Собранието за почнување на иницијативата за референдумот. Од кумановско Черкези, премиерот повтори дека 30-ти септември е таргетираниот датум за одржување на референдумот.

– Тоа што јас го знам е дека процедурите се отпочнати во Собранието. Оттаму веројатно денеска ќе има информации. Она што јас сум информиран во консултација со пратеничката група на СДСМ, ДУИ и сите други пратенички групи и пратеници од мнозинството, огромно е мнозинството на пратеници кои со свој потпис стојат зад отпочнување на иницијативата за распишување на референдумот – изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање.

Тој ја повика опозицијата да се вклучи и да ги повика граѓаните да излезат на референдумот.

– Знам дека прашањето е тоа кое што го објавивме „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Р. Македонија и Р. Грција“, знам дека референдумот ќе биде консултативен и уште еднаш само ја користам приликата опозицијата навистина да се вклучи и да повика на гласање за да можат граѓаните да излезат масовно и да го кажат својот глас – изјави Заев.

Премиерот Заев нагласи дека ова е историска одлука што ја дефинира иднината на државата.

– Знаете дека ова е историска одлука не само поради тоа што е референдумска одлука, туку поради тоа што преку таа одлука се дефинира и иднината на нашата Република Македонија – изјави Заев.

Премиерот нагласи дека сите чинители во општеството се должни да создадат услови за граѓаните доволно да бидат мотивирани да излезат и да гласааат и да дадат поддршка, со што ќе се заокружи 27- годишната аспирација на држвата кон НАТО и ЕУ.

– Јас сум убеден дека сме на вистинскиот пат и знам дека ќе успее референдумот – рече премиерот Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...