Заев од Прилеп: НАТО е нашиот имотен лист, не прифаќаме ништо помалку од полноправно членство во ЕУ

Заев ја повика опозицијата да се ослободи од груевизмот.

559

Огромното мнозинство од граѓаните и од меѓународната заедница препознаваат дека државата е на „прав пат“. Нашата борба нема да запре се до членство во ЕУ, рече претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев на денешната граѓанска трибина во прилепскиот дом на културата „Марко Цепенков“ насловена „На прав пат“..

– Вниманието на цела Европа, па и на целиот свет е вперено кон нас затоа што испорачавме, сработивме. Целиот демократски свет го потврди нашиот успех, никој нема дилема, тоа е патот по кој треба да одиме и да продолжиме. На сите им е јасно дека сработивме многу, ги решивме билатералните односи, никој сега не зборува за меѓуетнички тензии, сме светски пример за Балканот. Тоа го говорат сите светски лидери. Генералниот секретар на ОН, почнува и завршува говор со преспанскиот договор. Тоа е темпото со кое треба да продолжиме. Нема да дозволиме повторно да не водат криминалци, да ја вратат државата од таму од каде ја извадивме, од калта, ќе продолжиме по правиот пат – рече Заев.

Заев во врска со најавите за можен поинаков договор со ЕУ рече дека нема да се прифати ништо помалку од полноправно членство.

-Нашата татковина е во Европа и ние припаѓаме во ЕУ и не треба да прифаќаме ништо помалку од полноправно членство. Не прифаќаме никакви алтернативни решенија, како парнерства или посебни статуси – рече Заев.

Тој рече дека ЕУ брзо ќе се врати на исправната одлука каква што заслужуваме.

– Сакаме во ЕУ затоа што сме европејци, работиме за тоа право и јас ве уверувам, ние ќе добиеме одлука за почеток на преговорите. Затоа што со ништо помалку ниту се согласуваме ниту прифаќаме. Ние припаѓаме на Европа и ги имаме истите права како и земјите членки на ЕУ и нема да го компенизраме тоа со друго право. Нема друг освен патот кон ЕУ, тоа е вистинскииот пат – рече Заев.

Заев зборуваше и за ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од страна на земјите членки на Алијанстата и посебно САД.

– НАТО е нашиот имотен лист, со завршување на ратификациите на Протоколот го добиваме нашиот имотен лист, ја обезбедивме државата. Се впишуваме во Катастарот на држави кои се сигуни, стабилнии еднакви со демократскиот свет. НАТО значи сигурност и безбедност, но НАТО значи и инвестиции, повеќе пари и нови работни места. Тоа е прав пат! -рече Заев.

Заев на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски им предложи доколку сакаат да станат демократска партија да се оттргнатт од влијанието на Грувески и парите кои им ги праќал затоа што тоа биле украдени. Тој побара опозицијата да застане зад интересите на државата, а не за личните или тесно партиски интереси.
– Како не им е срам, се кажуваат десничарска партија да зборуваат за патриотизам а како кукавици да се кријат кога треба храбри одлуки да се носат во државата. Каде беа кога им требаа на државата – рече Заев.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...