Заев: Овој септември ќе ја зацементираме иднината, стабилност и интегритет на Македонија (ВИДЕО)

226

Исправени сме пред историско прашање за иднината на земјата и јас сум убеден дека заедно на 30 септември ќе донесеме правилна одлука со која ќе ја потврдиме иднината на европска Македонија и ќе му порачаме на светот кој силно не поддржува дека сме цврсто определени за интеграција со ЕУ и НАТО, рече денеска во Дојран премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев кој учествуваше на митингот на коалициајта „Излези за европска Македонија“.

Зборувајќи за договорот со Грција, премиерот Заев рече дека токму Дојран е местото каде со јужните соседни е договорено признавањето на македонскиот јазик.

– Со премиерот на Грција, Алексис Ципрас, во текот на мај токму тука на паркингот во Дојран постигнавме договор за признавање на македонскиот јазик. Тоа се случи пред тогашниот Самит на ЕУ кога двете страни требаше да направиме исчекор и со тоа покажавме на членките на ЕУ дека сме подготвени на компромиси за постигнување договор – истакна Заев.

Според него. преку постигнатите договори со Бугарија и Грција веќе немаме проблеми со признавањето на нашата земја, народот, идентитетот и јазикот.

– Добивме пријатели кои убеден сум дека силно ќе не поддржат на нашиот пат и определбата за европска Македонија. Нашата интеграција во ЕУ и НАТО преку прифаќањето на договорот со Грција е многу важна за Македонија и затоа сум убеден дека на 30 септември ќе донесеме храбра одлука – потенцира Заев.

Дојран, рече Заев, треба да се гордее затоа што е нашата најевропска општина, тука на тромеѓето меѓу Македонија, Грција и Бугарија и искрено се надевам дека дојранчани ќе бидат горди и на резултатот од референдумот и одлуката што ќе ја донесеме на 30 септември.

За европска иднина на Дојран граѓаните на референдум ги повика и градоначалникот Анго Ангов кој истакна дека со 1.250.000 евра од ИПА-фондовите моментно се реализираат три проекти од прекуграничната програма и дека по успешниот референдум тие средства ќе бидат двојно поголеми.

На трибината во Валандово Заев истакна дека е убеден оти после цели 27 години по независноста од 1991 година овој септември ќе ја исправиме Македонија и ќе ја зацементираме нејзината иднина, стабилност и интегритет.

-Тогаш ја добивме, а сега треба да ја обезбедиме иднината на Македонија со квантен скок во ЕУ и НАТО преку прифаќање на договорот за името со Грција. Без договор со Бугарија ќе беше загрозен и договорот со Грција. Со овие два договори сега имаме подадена рака од сите. Грција доби ерга омнес за името, а ние добивме ерга омнес идентитет- порача Заев.

Не дозволувајте, додаде Заев, да ве лажат дека го губиме идентитетот. Напротив, секој може да го прочита договорот со Грција и да види во член 7 точка 2 дека повеќе не постојат дилеми со нашиот идентитет и јазик.

Заев на валандовчани им порача дека не е исто автохтоните производи од овој крај да ги продаваат на европскиот пазар од 500 милиони жители со пристојни цени или на нашиот 250 пати помал пазар во Македонија.

Во Европа, рече Заев, се зборува за економија и перспективик, а кај нас за политика. Сите го знаат премиерот Зоран Заев – катастрофа. Ете тоа е разликата и треба веќе еднаш да ја разбереме и надминеме.

– Вистински патриотизам е да се донесе правилна одлука и да се обезбеди државата и иднината на нашите деца. Затоа сум убеден дека ќе донесеме силна одлука и дека на 1 октомври кога ќе се разбудиме ќе ја видиме државата поставена на правилен колосек. Знам дека и добар дел од опозицијата е за интеграција со ЕУ и НАТО и дека сега е моментот да застанеме заедно и да донесеме одлука за европска Македонија- рече Заев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...