Заев: Нови 11 илјади семејства ќе добиваат социјална помош ВИДЕО

278

Инвестирање во поголема гарантирана социјална помош за најранливите категории граѓани,  во ран детски развој, полесен пристап до детски додаток, образовен додаток за деца, и зголемување на опфатот на деца во претшколско образование, се некои од мерките на чија реализација работи Владата за излез од кругот на сиромаштија, на кои денеска на Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата потсети премиерот Зоран Заев.

– Мора да го прекинеме кругот на сиромаштијата, кој се пренесува од генерација во генерација меѓу најранливите семејства. Поради тоа, дополнителни 11 илјади домаќинства ќе добиваат гарантирана социјална помош, покрај постојните 26 илјади домаќинства, кои веќе имаат право на овој надоместок. Семејствата со деца и со ниски приходи ќе добиваат полесен пристап до Детскиот додаток. Очекуваме бројот на деца кои ќе го користат ова право да биде над 70 илјади, за разлика од само 3.200 деца кои сега имаат право на Детски додаток, вели Заев во видео-обраќањето.

Според него, раниот детски развој е клучен и во него мора да се инвестира на време и со поголем опфат на семејства, зашто тоа не може да се надомести подоцна во текот на животот.

Најранливите категории на деца ќе добијат можност да се вклучат во установите за згрижување и воспитание – овие капацитети Владата ги зголемува со инвестиција од 16 милиони евра и поддршка од Светската банка. Образовниот додаток од 2019 година ќе можат да го добиваат и основците и очекуваме да го користат над 60.000 деца.

– Ова се некои од нашите одговори за излез од кругот на сиромаштијата. Ова се инвестиции во човечкиот развој бидејќи секое дете ни е важно, бидејќи секој човек ни е важен. Тука не запираме и одиме понатаму, отворени за соработка со иницијативите на заедниците. Заедно можеме да ја направиме Македонија да биде солидарна и чувствителна земја, вели македонскиот премиер во видео-обраќањето по повод Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...