Во организација на Владата на Република Македонија денеска се одржа Отворен ден за Консултација за изработката на Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Македонија, кој предизвика голем интерес и на кој учествуваа повеќе од стотина претставници на граѓанските организации од целата земја, инфомираат од Владата.
Претседателот на Владата, Зоран Заев, кој заедно со министерката за правда Рената Дескоска, зеде учество на отворениот ден со граѓанските организации за изработка на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, истакна дека различностите на нашето општество се наша предност и наше заедничко богатство, и дека од исклучителна важност е Стратегијата да биде жив инструмент за превенција од опасноста од доминација на една етноцентрична култура.
Премиерот Заев истакна дека треба да ги паметиме, но никогаш да не им дозволиме да се вратат на сцена политиките на поделби и предизвикување конфликти, туку толеранцијата и солидарноста во концептот „Едно општество за сите“, што е заедничка вредност за сите граѓани на Македонија.
Министерката за правда Рената Дескоска истакна дека целта на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Македонија, е да го претвори идентитетот, со сите свои особености, во лост за соработка и заедништво кој потоа ќе биде во функција на заедничката определба – нашата држава да се развива согласно интересите на граѓаните.