Премиерот Зоран Заев, во вечерашното интервју за МРТ, рече дека може да сработи уште многу за државата и дека бара чист мандат од граѓаните, затоа што беше на чело на владата неполни три години.
„Млад човек сум, не сум за во пензија. Владееја 12 години безмалку, пред 2.5 год. добив чест… и тоа како можам многу да сработам за мојата, за нашата, за заедничката земја која што е и на Мицкоски. Ќе се потрудам да останам и да ја вршам честа и одговорноста која што ми даваат граѓаните на еден чист мандат, на решени меѓународни проблеми, на интегрирана земја, да покажам навистина економија“, рече Заев.
Осврнувајќи се на Преспанскиот договор, тој изрази уверување дека реализацијата ќе се одвива паралелно од двете страни.
-Верувам дека она што со Преспанскиот договор во моментот го правиме ние како држава, ќе се случува паралелно со грчката страна. И тие обврски од договорот. Мене ми е драго што бизнис форумот во Солун покажа една многу благопријатна атмосфера, бизнисмените сакаат бизниси, граѓаните сакаат соработка, ние сме тука да им служиме, а и премиерот Мицотакис навистина покажа потреба да ѝ посвети поголемо внимание на економијата, гледајќи низ тоа градење наше пријателство кое не сме го имале такво во минатото – рече Заев.
Во интервјуто порача граѓаните да не заборават што правеше 11 годинипретходната, како што ја нарече, „криминална банда и структура“.
-Оваа Влада ја извлече државата од граѓанска војна која можеше да ни се случи на 27 април. Денеска немаме меѓуетнички тензии, немаме тепачки по автобуси, немаме проблеми какви што имавме во претходните 11 години – подвлече Заев.