Социјалдемократите го чекаат исходот од Самитот на лидерите на Европската Унија дали Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите и во зависност од тоа ќе решаваат што понатаму. Во најголемата владаечка партија досега не разговарале дали ако не добиеме датум ќе се оди на предвремени избори, дали премиерот Зоран Заев ќе поднесе оствака и дали ќе се оди на опцијата да падне владата и Собранието да распише избори. Висок функционер на СДСМ за Плусинфо вели дека сѐ ова ќе биде на маса пред највисоките партиски органи ако Заев од Брисел се врати без датум за почеток на преговорите.
Калкулациите за што потоа, ги засили самиот Заев со вчерашните најави дека ќе преземе одговорност доколку на самитот на ЕУ лидерите Македонија не добие согласност за почеток на пристапните преговори и дека власта ќе го изгуби мнозинството. Но Заев одби да прецизира кој ќе биде првиот чекор што ќе го преземе ако и сега не ги почнеме преговорите.
Според високиот функционер, изјавите на премиерот биле дадени како форма на притисок до европските лидери, односно попрецизно до францускиот претседател Емануел Макрон за зелено светло за Македонија.
– Во партија за тоа не е разговарано – вели функционерот.
Според него, нема зошто Заев да поднесе оставка од премиерската функција бидејќи овојпат Македонија испорачала сѐ што било побарано, и дека како што изјавил Макрон, ЕУ е таа на која сега ѝ треба малку време за потребните реформи на преговарачкиот процес.
Тој додава дека ќе нема ни брзи избори, односно додека не заврши процесот на ратификациите на Протоколот за НАТО и прием во Алијансата нема шанси за предвремени избори. Најран термин за избори би бил напролет.
Соговорникот вели дека од истите причини не би требало да се бара одговорност ни од шефот на дипломатијата Никола Димитров, ни од вицепремиерот Бујар Османи, иако вели легитимно право на опозцијата е тоа да го бара.
Заев вчера рече дека ако лидерите на ЕУ в четврток или в петок донесат негативна одлука за почеток на преговори, или ако повторно одлучат да ја одложат одлуката, нашата Влада ќе биде мртва, не затоа што ќе бидеме пречувствителни, одлуката не зависи од нас, но мнозинството од парламентот ќе го изгубиме.