Враќање на фрустрациите, радикализмот, квазипатриотизмот, нациоанализмот, се последиците од евентуалното отфрлање на договорот со Грција на референдумот што ќе се одржи во Македонија, рече премиерот Зоран Заев во вечерашната дебата на „Топ тема“.
– Сето тоа не ни треба. Ние градиме граѓанско, мултиетничко општество. Македонија има перспектива „запишана во катастар со имотен лист“ како секоја нормална земја, перспектива како членка на НАТО, на ЕУ. Тоа ќе биде поттик и за реформите и за унапредување на животот на граѓаните. Не сакам и да помислам што ќе се случи ако не успее. Мора да гледаме напред и убеден сум дека оваа шанса нема да ја испуштиме како граѓани на Македонија. Оваа исторска шанса обезбедува само добри перспективи за Македонија, го зајакнува идентитетот, не прави фактор да седиме заедно со сите земји, а тоа се големи работи. Верувам дека граѓаните ќе го сфатат тоа – рече Заев.
Тој не стравува од незадоволство по објавувањето на договорот.
– Граѓаните ќе ги имаат на увид сите аргументи, сите фактори ќе го кажат својот став. Но, можно е се, може да заврши мојата политичка кариера. Носам одлуки, ќе го соопштам мојот став и ќе чекорам согласно договореното, а потоа следува референдум. Веројатно влегувам во една магла како политичар, а заедно со мене и оваа Влада и ова мнозинство. Од маглата можеме да излеземе длабоко во морето и да се удавиме политички, но може да излеземе и на некоја зелена полјана. Тоа се опциите за мене, за Владата, за мнозинството. Македонија ќе излезе на автопат, ќе чекори напред и само тоа е важно – изјави Заев.
Прашан дали има гаранции од Грција и меѓунардната заедница дека договореното ќе се спроведе, Заев рече дека тоа е предвидено во договорот. Но, ако нешто се случи и не се спроведе, застанува се и може да се врати назад, но не размислуваме во тој правец. Од Грција очекуваме помош и поддршка, како што сега е примерот со Бугарија. Очекуваме со Грција да станеме стратешки партнер, рече Заев.
За евентуалните предвремени избори заедно со референдунот, премиерот истакна дека тоа не го планира, но, како што наведе, ќе зависи и од многу други фактори. Заев се залага изборите да се одржат во редовниот термин, а предвремени избори, според него, би биле изгубено време за Македонија.