Никој не може да го смени, ниту некој барал промена на името на Македонската православна црква, одговори премиерот Зоран Заев на пратеничко прашање од опозицијата.
-Барањето во писмото е патријаршијата да помогне за признавањето на МПЦ-ОА. Дополнително на писмото кое светиот синод на МПЦ го испрати, јас напишав писмо и го испратив до светиот синод на Вселенската патријаршија да помогне при признавањето. Никој не побарал ниту може да го смени името на МПЦ. Прашањето е помош околу решавање на црковниот спор кој постои од возобновувањето на МПЦ-ОА – рече Заев и додаде дека неговиот кабинет денеска ќе ја објави содржината на писмото што го испратил до Вселенската патријаршија.
Замолницата до Вселенската патријаршија, објасни премиерот, која има цел да помогне во решавањето на долгогодишниот проблем и е во координација со МПЦ.
-Веруваме дека Патријаршијата сето тоа ќе го направи со другите помесни цркви, како што е редот. Кога се обраќаат црквите кон Патријаршијата се обраќаат и со политички аспект и затоа дополнително на тоа писмо што Светиот синод на МПЦ – ОА го направи, јас испратив писмо за поддршка. Светиот синод да го разгледа ова прашање и да и помогне во неговото решавање- одговори Заев.
Премиерот е категоричен кога вели дека „никој ниту побарал ниту некој може да го смени името на Македонската православна црква“.
-Не е тема на дилема или на дебата името на МПЦ – тврди Заев.
Во продолжение е писмото што премиерот Заев го испратил до г.г. Вартоломеј.