Заев нема да поднесе оставка, а се извини за разговорот со руските комичари

641

Премиерот Зоран Заев не гледа одговорност во неговиот протокол за разговорот со руските комичари кои му се претставиле како поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко, и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Тој смета дека ова не е прашање поради кое и тој како премиер треба да си поднесе оставка туку од ова треба да се извлече поука.

– Почитувани се сите протоколи кога некој бара да биде поврзан. Во овој разговор не гледам дека има издавање на државни тајни и жалам за споделувањето на телефоните. Немам намера да поднесам оставка, а од ова ќе излеземе само посилни — рече Заев.

Тој одговарајќи на новинарски прашања рече дека разговорите биле правени преку апликацијата „ВатсАп“, првиот е правен од неговата канцеларија на Илинденска бр.2. Раскажувајќи како дошло до разговорот, премиерот рече дека прво бил контактиран неговиот кабинет и бил побарано воспоставување разговор на него со Порошенко. Кога од протоколот му кажале, Заев се согласил и кажал кој термин му одговара – помеѓу два состанока.

Зборувајќи за протоколот, Заев рече дека не била контактирана украинската амбасада и објасни дека најчесто договарањето разговори оди преку амбасадите со земјите кои не се блиски, но со оние со кои веќе контактирале и имаат воспоставено комуникација, контактираат директно кабинетите. А неретко, рече премиерот, се случува и функционерите директно да контактираат. Кога се прават вакви разговори, до Заев најчесто е некој од советниците кои фаќаат белешки и потоа ги доставуваат до архива.

– Се случил ваков пропуст и им се извинувам на граѓаните. Моја олеснителна околност е што сум во добро друштво – рече Заев кој рече би бил најсреќен ако успеел уште во првата минута да ја препознае измамата, но за жал, посочи, и тој е човек од крв и месо.

Тој рече дека досега ниту од Порошенко, ниту од Столтенберг, како и од оние кои се споменуваат во разговорот, не добил никаква реакција.

Заев не верува дека вакви лажни разговори има и со други функционери, како што е германската канцеларка Ангела Меркел.

Прочитајте повеќе од денешната прес-конференција:

Заев: Жртва сум на мојата отвореност, не сум издал државна тајна

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...