Не гледам ароганција кај генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, кога човекот јавно се извини, се извини до небо, тоа не е ароганција, рече премиерот Зоран Заев на новинарско прашање дали ќе го разреши Рашковски.
– Се работи за тендер кој е завршен во 2016 година и некој не сакал да го потпише, за тоа ќе има истрага и кривични. Рашковски имал апсолутно право да ги забрзува постапките. Секој кој е арогантен треба да понесе одговорност, но секој има право да даде образложение. Не може некого да правите салата, кога сакате и како сакате, тој има право да го заштити својот дигнитет. Кога прифаќаме функции да служиме на народот, тоа не значи дека секој може да биде и боксерска вреќа и кога тоа го залужува или не. Секој има право на човечко достоинство и право да го заштити своето достоинство – одговори Заев на прашањето дали Рашковски не е арогантен и кога најави тужби за новинари и медиуми.
Премиерот рече дека Владата нема никого да тужи.
-Случајот со „Леонардо“ го затекнавме кога дојдовме како Влада. Се работи за тендер што е завршен во 2016 година, но постапката до крај не е завршена. Тоа беше јавно, детално објаснето. Тужба како Влада, нема да поднесеме, но секој како физичко лице тоа може да го стори за да го заштити својот дигнитет и достоинство. Кога прифаќаме одредени функции свесни сме дека треба да бидеме под лупа на јавноста, но тоа не значи да бидеме и боксерски вреќи, некој да не прави салата – подвелече Заев по пуштањето на контролниот центар за патарини во Петровец.
За т.н. „летр оф аворд“, потенцира дека не значи никаква награда и дека таква формулација се користи за одобрување на проектот.
– Тоа е потврда на добивање одредена работа према конкурентите. Не се работи за никакви провизии, ниту награди – објасни Заев.