Ниту јас, ниту Вие, ниту моите деца ќе бидат „северномакедонци“, имаме додавка северна, ние остануваме Македонија, нема друга држава со тоа име, долу е Грција, одговори премиерот Зоран Заев на прашање „како се чувствувал утрото кога во парламентот 80 пратеници гласаа за измени во Уставот и кога неговите деца ќе ги запишат како северномакедонци“, поставено од граѓани на денешната јавна дебата за нацрт амандманите на Уставот, според преспанскиот договор, што се одржува на Универзитетот ФОН во Скопје.
– Видовме дека 27 години ние само тонеме. И понатаму може да продолжиме да тонеме, но за да го подобриме животот овде во нашата земја и да не станеме земја на пензионери, да ги задржие младите, се решивме на вакви чекори. Во договорот со Грција има признание на македонскиот јазик, на нашето самоопределување. Нема да бидеме „северноакедонци“, а нема да го носиме ни срамот на „фиромци“. Треба да размислиме и што ќе им оставиме на нашите деца – одговори Заев чие говорење беше бурно поздравено од присутните на дебатата.
Универзитетскиот професор Темелко Ристовски предложи во четвртиот амандман да се избрише точката 3, а која гласи „Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство“. Професорот рече дека оваа точка е дискриминирачка за припадниците на другите етнички заедници со македонско државјанство кои живеат во странство.
Тој додаде дека третата точка може да се прошири со „и за припадниците на албанскиот, турскиот, српскиот, бошњачкиот народ и припадниците на други народи кои имаат македонско државјанство“, но дека оваа опција е помалку прифатлива.