Заев: На Мицкоски до сабајле можам да му држам лекција за економија

4020

Во одговор на речиси секојдневните напади од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека во Владата има „многу политика, малку економија“, дека земјата е изложена на „економско цунами“ на депресија и на нови задолжувања“, премиерот Зоран Заев во неделното интервју за МИА вели дека за некои работи се согласува со Мицковски, особено во делот на реформите. Вели дека со него се договориле и мисли дека може да најдат заеднички прифатливи решенија за прашањата од национален интерес.

– Но, кога зборува за економијата, мислам дека не се снаоѓа најдобро. Република Македонија беше во минус. Беше урнисана држава, финансиски комплетно разнебитена. Имајќи го сето тоа предвид, досега ние успеавме да го стабилизираме буџетот на државата, да постигнеме раст на економијата, платите почнаа да растат. Без разлика кој како ќе го сфати ова, меѓутоа за овие прашања можам да им држам лекции на Мицковски и на опозицијата до сабајле, па и повеќе. Најголем дел од времето го посветувам на економските прашања, меѓу другото и затоа што сум економист. Јас имам добар министер за надворешни работи, добар министер за евроинтеграции кои ги тераат тие процеси, за кои не треба да се заборави дека имаат големи врски и со економијата, и со нив заедно ги конципиравме и комплетиравме нашите стратешки позиции кога се во прашање меѓународната политика и евроинтеграциите. Затоа мене ми останува голем дел од времето да го посветам на најважното прашање од интерес на граѓаните, економијата – вели Заев.

Прочитај повеќе:

Заев: Знаеме кому ќе се заблагодариме во Владата

Заев: Кога ќе слушнете најавата за средба со Ципрас, знајте тука сме со достинствено решение

Како Влада, вели премиерот, ќе ги реализираат сите економски проекти што ги зацртале, а за кои во изминатиов период работеле на сета потребна документација, услови и логистика, за да можат да се остварат на најдобар можен начин. Со реализацијата на овие стратешки економски проекти, смета тој, Македонија влегува во пролетна економска офанзива.

– Еве, дозволете да изложам само некои примери и аргументи за ова мое тврдење. Во Македонија започна изградба, реконструкција и рехабилитација на патната инфраструктура во должина од 800 километри и со вредност од 270 милиони евра. Целата градежна оператива ќе работи буквално на целата територија на државата. Паралелно со тоа, со пренамената на парите на ТАВ, наменети за карго аеродромот кој се покажа како неодржлив проект, во висина од 35 милиони евра, заедно со заштедени пари од непродуктивни трошоци на институциите во висина од 25 милиони евра, ќе бидат насочени за изградба на градинки, училишта, канализациски мрежи и водоводи. И овие инфраструктурни проекти започнуваат да се градат оваа пролет. Во делот на капиталните инвестиции, имаме дополнителни 400 милиони евра за болници и други објекти од јавен и непосреден интерес за граѓаните. Не се тоа споменици и политикантски музеи – вели Заев.

Наведува дека со сите мерки што во изминатите 10 месеци ги спровеле, ослободени биле финансиски средства од непродуктивни трошоци и со тоа создале услови за зголемување на висината на социјалната помош.

– Анализите велат, доколку продолжиме со овие трендови на домаќинско работење, во комбинација со економскиот раст, на 1 јануари 2019 година ќе се создадат услови просечната социјална помош од 4.200 денари да ја достигне висината од 11 илјади и петстотини денари – дециден е Заев.

„Паралелно, во истиот период, до 1 јануари 2019 година, имаме намера да го стабилизараме пензискиот фонд за да се гарантираат пензиите, и нивниот соодветен раст, на активните, како и на сите идни пензионери“.

– Системот хидроцентрали Чебрен и Галиште ќе го градиме сами со домашно финансирање и со домашни компании. Отпочнува реализацијата на два џиновски проекти секој од по 200 милиони евра во Скопје. Едниот е проектот на просторот на поранешниот Скопски Саем, и другиот на големата турска компанија Лимак. Ние се определивме да им даваме поддршка на ваквите проекти заради градежните компании, а не на проекти за споменици и фасади. ИГМ и нивниот индиски партнер градат фабрика за ладно валање во вредност од 60 милиони евра, која е еколошки комплетно заокружен проект. Заокружен е проект во вредност од 50 милиони евра за фотоволтаици без фидинг тарифа, односно без дополнителни пари од државата. Кон крајот на годината ќе отпочне изградбата на нови ветерници од 36 мегавати, ЕЛЕМ ќе гради уште два такви комплекса од ветерници од по 15 мегавати кај Богданци, набележува премиерот воинтервјуто за МИА.

Според него, проекциите на економски раст, на консолидацијата на буџетските приливи, на Владата ќе ù овозможи реализација на ослободувањето од партиципацијата за болничко лекување за сите граѓани. Граѓаните заштедија 11,4 милиони евра само од евтината тарифа на струјата. Им заштедивме 12,4 милиони евра на граѓаните со укинувањето на радиодифузната такса. Спиралата на растот на платите што ја активиравме со покачувањето на минималната плата, доведе до раст на просечната плата за 5,6 отсто, нешто што не се случило од 2010 година. Убеден сум дека не до крајот на мандатот, како што ветивме, туку до крајот на 2019 година просечната плата ќе ја доведеме до висина од 500 евра.

– И на крајот, дозволете ми да ви дадам аргументи за да се направи паралела: За сите 11 години од владеењето на претходната власт, и поттрошените пари од 250 милиони евра за реклами за медиуми, за промотори, за роуд шоуа, дојдоа 23 странски инвеститори. И тоа е добро. Но, ние, за 10 месеци, без ниту еден денар за реклами или за роуд шоуа, потпишавме договори со 10 големи компании, странски инвеститори. Пред потпишување сме на уште осум нови, од кои три се домашни компании бидејќи поддршката за инвестиции сега важи поеднакво и за домашните компании. Преговараме со приближно 200 компании, и тоа не е само заради тоа што само имаше промена на власта – вели Заев.

За оваа клима, продолжува тој, придонесоа новите политики што ги градиме за пријателство со земјите во регионот, за релаксирање на односите и за создавање клима за соработка како добра основа за бизнис иницијативи. Тоа го враќа животот во Република Македонија. Животот е и имотниот лист што конечно ќе го земеме за Република Македонија. Го прочитав некаде тоа и ми изгледа сосема соодветно: Ќе земеме имотен лист ако станеме членка на НАТО, ако ги започнеме преговорите со ЕУ. Тоа на крајот значи повторно дополнителни услови за нови работни места, повторно значи економија.

-Да завршам, лекција од економски план Мицковски може да добие кога сака – изјави Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...