Заев на дебата на ПЕС: Европските социјалдемократи се горди што беа со Република Македонија во борбата за демократија

222

Претходната владејачка гарнитура ја оддалечи Република Македонија и нејзините граѓани од европските вредности какви што се демократијата, владеењето на правото и човековите права и слободи. Тоа беше движење на погрешен пат кој мораше да биде запрен, и беше запрен со пенкало на избори, и низ парламентарна дебата, рече премиерот Зоран Заев на Конгресот на Партијата на европските социјалисти (ПЕС) во Лисабон, Португалија.

Во својот настап на овој панел тој истакна дека заедно со граѓаните на Република Македонија и со огромната поддршка на изборите во 2016 година, на политичката сцена на земјата започна делувањето на новата владејачка коалиција предводена од СДСМ која ја врати надежта, ги отвори и забрза евро-атлантските процеси кои беа блокирани и ја оддалечија земјата од нејзините европски перспективи и ги продлабочија разликите меѓу соседите во регионот.

– Паралелно со домашните реформи, високо во приоритетите ги ставивме и прашањата на добрите меѓусоседски односи. Уште во првите три месеци го потпишавме Договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија. Нашите политички опоненти жестоко реагираа, но народот виде дека договорот е добар. Наскоро дојдоа и резултатите. Економската соработка доби на динамика. Проектите на културен план, во образованието, меѓуграничната соработка, покажаа дека она што дотогаш сме го имале било само загубено време и пропуштени можности – нагласи Заев.

Во продолжение на дебатата на панелот, Заев говореше и за Договорот од Преспа со кој Република Македонија и Република Грција постигнаа историски договор за пријателство и соработка, и со кој за нашата земја беа отворени вратите за наше брзо зачленување во ЕУ и НАТО.

– Работевме многу на овој договор со премиерот Ципрас и со нашите тимови. Секако огромна беше поддршката од нашите пријатели од ЕУ, НАТО и од останатите од меѓународната заедница. Од голема важност во постигнувањето на пријателската атмосфера за време на одржувањето на преговорите беше блискоста на нашите политички определби, социјал-демократските и социјалистичките политички концепти на колегата Ципрас, и моите. Сега сме блиску до конечното спроведување на договорот со Грција и очекувам дека пратениците во Собранието да ја верификуваат историската димензија на овој процес -рече премиерот.

Министерката за европски прашања на Шведска Ан Линде, во своето обраќање во поддршка на Република Македонија и владата што ја предводи премиерот Заев, ги пренесе впечатоците од телата на Европската Унија каде што Република Македонија се препознава како земја која за две неполни години од земја во заостанување се трансформираше во земја која со реформите успеа да застане во првата линија на идните земји членки на ЕУ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...